„Куќата на Гучи“ и „Мементо“ во чест на Александар Џамбазов на програма во Кинотека

Фото: Официјален постер за филмот „Куќата на Гучи“

Кинотеката на Северна Македонија во претстојната мартовска филмска програма носи бројни изненадувања за љубителите на филмот со проекции на десетина нови наслови од светската, европската и домашната кинематографија.

Програмата започнува од утре, 1 март со проекција на популарниот „Куќата на Гучи“, кој годинава е номиниран за Оскар во категоријата за најдобра шминка и фризура. Имено, филмот што е во режија на Ридли Скот ја носи приказната на италијанскиот моден гигант и притоа ја раскажува приказната на целото семејство. Улоги толкуваат Лејди Гага, Адам Драјвер, Џереми Ајронс, Џаред Лето, Ал Пачино и Селма Хајек.

Понатаму, месецов на македонската публика повторно ќе ѝ биде достапна во кино проекцијата на македонскиот игран филм со музичка тематика, „Мементо“ од 1967 година, посветен на единствениот, маестро Џамбазов кој е автор на „Рапсодија за Скопје“ – композиција за пијано и оркестар (1966) – главната музичка тема во филмот.

На програмата е и новиот филм на Пол Ферхуфен, култниот автор на акционите научно-фантастични филмови „Робокап“ (1987) и „Тотално отповикување“ (1990). По враќањето во Европа, Ферхуфен направи неколку авторски поинакви филмови, а „Бендета“ е најновиот во неговата филмографија, во кој самиот режисер провоцира со неговото видување на геј-сексуалноста и митологијата.

Од 8 до 10 март Кинотеката веќе традиционално, секоја година е домаќин на „Вечерите на женски правакога преку уметност, филм и музика Вечерите поттикнуваат жените и мажите да размислуваат критички за родовата нееднаквост и да оддадат почит на досегашните достигнувања. На 13 март ќе биде одбележана 79-годишнината од злокобната депортација на македонските Евреи во логорот Треблинка, со проекција на италијанскиот филм „Ѕвездено небо над римското гето“ (2020) на Џулио Базе.

Од Кинотеката ја соопштуваат и веста за враќањето на рубриката „Уредник со причина“, што овој март ќе ја започне Илина Арсова.

„Академска сликарка со мултитаскинг темперамент која ја користи уметноста за да ги претстави загадувачките навики и човековите интервенции врз природата. Преку својот визуелен креативен израз се обидува да ја подигне еколошката свест кај своите сограѓани. Последнава деценија и пол Арсова е една од нашите најдобри алпинистки, засега единствена која ги има искачено највисоките планински врвови на 7 континенти, меѓу кои и Мон Блан и Монт Еверест“, се вели во соопштението.

По својот избор на филмови, Арсова го најавува македонскиот игран филм „Делфина“ на Александар Ѓурчинов, како наслов со кој се поистоветува секогаш кога ѝ е тешко и кога патот до целта е долг. Како вовед во нејзиниот уреднички избор ќе бидат прикажани и неколку кратки документарни филмови од серијалот „Тhis is her story“ во режија на Игор Христов. Продуцент, автор, сценарист, драматург, автор на идејата, наратор, дизајнер на анимација и една од протагонистките е самата Арсова.

„Поради филмот „Плажата“ на Дени Бојл ги открив далечните дестинации и патував речиси низ целиот свет, а со „Мои песни мои соништа“„ на Роберт Вајс пораснав и уште тогаш се вљубив во алпскиот планински пејзаж “, вели Арсова за избраните филмови.

Од Кинотеката го препорачуваат документарниот филм „Молња над вода“ што ќе се емитува кон крајот на следниот месец. Програмата содржи и нови наслови од францускиот филм што ќе се емитуваат во „Неделата на франкофонски филмови“ како и редовната проекција на филм по избор на Гете-Институтот во Скопје. Целиот распоред на филмовите по денови и час, како и податоци за билети може да се пронајдат ТУКА.