fbpx

Коѕиас: Мерките за градење доверба да се договорат до јуни

-

Мерките за градење на довербата меѓу Македонија и Грција, македонско-грчката економска соработка и спорот за името беа во фокусот на разговорите на министерот за надворешни работи, Никос Коѕиас, и македонскиот вицепремиер за евроинтеграции, Фатмир Бесими, во Атина. Коѕиас истакна дека имале отворен и искрен разговор со Бесими и изрази силна одлучност што побргу да се оди на усвојување мерки за градење доверба меѓу Скопје и Атина.

Како што изјави Коѕиас по денешната средба во грчкото Министерство за надворешни работи, Грција е одлучна што побргу да се прифатат мерките кои би помогнале да се засили и подобри довербата меѓу двете страни. Најави дека во следните денови висок функционер од грчкото Министерство ќе замине во Скопје за подетални разговори околу мерките со претставници на македонското Министерство за надворешни работи, а потоа дека тој разговор ќе се продолжи и за време на неговата јунска посета на Скопје. Грчкиот шеф на дипломатијата објасни дека со министерот Никола Попоски веќе имаат разменето каталози со предлози и веќе се формирани две паралелни листи и политичките директори на двете министерства ќе седнат на заедничка маса за да почнат да ги договараат деталите околу мерките.

– Се надевам каталогот со мерки ќе го објавиме во Скопје, каде пред мојата посета ќе има дискусија меѓу политичките директори од двете министерства. Би избрзал доколку ги кажам мерките сега, бидејќи треба претходно да се договориме за нив. Иако има заеднички точки на секоја од листите, сепак потребни се објаснувања и од една и од друга страна, да разбереме што мисли секој од нас во заедничките точки – забележа Коѕиас, без да открие детално кои се мерките за кои се разговара, но со оптимизам дека доколку разговорите одат во добра насока, тие може да се договорат и да објават кон крајот на јуни кога ќе биде на средби во Скопје. За мерките веќе е побарана и европска помош и поддршка. Атина веќе побарала Комисијата и комесарот за проширување, Јоханес Хан, да ги разгледаат можностите за финансирање на дел од мерките што би биле усвоени меѓу двете страни.

– Вашите идеи се добредојдени, како и вашата иницијатива да ја посетите нашата држава и другите држави на регионот. Како би се решиле отворените прашања без разговор. Поради тоа ја ценам многу вашата иницијатива и се надевам дека во Скопје ќе бидете топло примени – забележа Бесими за предлогот за размена на мерки за градење доверба.

Коѕиас на тет-а-тет средбата изразил поддршка за преговорите за политичката криза во Македонија меѓу претставниците на политичките партии и комесарот Јоханес Хан.

– Секогаш им велиме на нашите европски партнери дека реалистичните и логичните гласови како Бесими треба да се слушнат внимателно во Европа – додаде Коѕиас.

Двајцата министри дискутирале за преговорите во спорот за името. Вицепремиерот забележа дека во дискусијата за отворените прашања меѓу Македонија и Грција било утврдено и од двете страни дека постои можност за решение кое може да се постигне преку соработка, добрососедски врски и соживот во истата евроатлантска заедница.

Тема на разговор била и ситуацијата на Западен Балкан и како може да се осигура и подобри регионалната стабилност. Бесими истакна дека било дискутирано за практични начини како може на Балканот да се осигураат мирот, стабилноста, но и европските демократски вредности, владеењето на правото, слободата на движење и слободата на говор.

Бесими индиректно се осврна и на потребата за побрза евроинтеграција на Македонија во ЕУ, посочувајќи дека со Коѕиас зборувале за евроинтеграцијата на Западен Балкан како чекор кој може да осигури мир и стабилност во регионот.
Оцени дека неговата посета помага да се изгради поголема доверба не само на лично ниво, туку и на ниво на двете заедници и на ниво на подобрување на добрососедските односи. И Бесими и Коѕиас забележаа дека средбата била во пријателска клима и ќе помогне да се изгради довербата и да се засили комуникацијата за подобра соработка меѓу двете страни.

Двајцата министри разговарале и за можноста за поголема економска и граѓанска соработка меѓу двете страни, согласувајќи се дека мерките за градење доверба ќе го отворат патот кон поголема соработка и разбирање.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Вучиќ кон Пикси откако автобусот се заглави во песок: „Тешки сме Драгане“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека е договорено финалето на Лигата на Европа на УЕФА во 2028 година да се игра на Националниот стадион во Сурчин. Вучиќ на...