Фото: Арбнора Мемети

Министерството за здравство информира дека вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 579 и во моментов има околу 580 празни болнички кревети во ковид центрите.

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се хоспитализирани 15 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Вкупно 245 лица сомнителни и потврдени за ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град, а утрово до 8 часот имало 148 слободни места.

Во последното деноноќие, на интерните клиники имало 5 приеми.

Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало 10 нови приеми на пациенти исто колку и на Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден. Во изминатите 24 часа дома се пуштени 21 оздравен пациент.

Во моментов на Кожната клиника во ковид центарот се лекуваат 17 пациенти, на Клиниката за неврологија 15 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 21 пациент со симптоми на корона вирусот, во ковид центарот на Клиниката за нефрологија во моментов се сместени 16 пациенти. На Клиниката за Гастроентерохепатологија лежат 9 пациенти.

Во ГОБ 8 Септември има вкупно 77 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 83 пациенти, додека во Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле има 7 пациенти.

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 334 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот.

По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 24 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 37 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 16 пациенти, во Велес се лекуваат 17 болни, а во Куманово 48 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19.

Во ковид-центарот во Охрид се хоспитализирани 65 пациенти, во Прилеп 19, во ковид центарот во Гостивар 21, а во Струга 23 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 20 пациенти, во Кочани 4, во Кичево 8, Кавадарци 14, во Гевгелија 5 лица, а во Дебар 13 позитивни и суспектни на корона вирусот.