fbpx

Ковачевски оптимист дека в понеделник ќе има успешна лидерска средба

Успешна лидерска средба значи дека политичките партии ќе седнат на маса и нема да постои уценување од една политичка партија кон друга. Тоа е начинот на кој функционира едно демократско општество, каде што сите кои учествуваат во еден натпревар треба да имаат збор во начинот на кој се организира натпреварот, смета премиерот Ковачевски

-

Премиерот Димитар Ковачевски за в понеделник во Собранието очекува успешна и конструктивна лидерска средба. Тој, како што рече, очекува политичките партии да седнат на маса без да има уценување на една политичка партија кон други и да се постигне договор за Изборен законик со препораките од ОБСЕ/ОДИХР, како и датум за избори.

„Успешна лидерска средба значи дека политичките партии ќе седнат на маса и нема да постои уценување од една политичка партија кон друга. Тоа е начинот на кој функционира едно демократско општество, каде што сите кои учествуваат во еден натпревар треба да имаат збор во начинот на кој се организира натпреварот“, смета премиерот Димитар Ковачевски.

За одржување на изборите, Ковачевски вели дека финалниот збор ќе го кажат партиите, а во однос на техничката влада, рече дека не постои консензуално расположение кај партиите за нејзино укинување.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во своето гостување во емисијата „Само интервју“, пак, рече дека тој не гледа потреба од техничка влада, односно дека неговата партија е подготвена да се интервенира во Изборниот законик во тој дел.

„Можеби делува чудно како сега како тоа јас од позиција на опозиција во очи на избори го говорам. Но, верувајте јас ова го говорам најискрено и ценам дека треба заедно со политичките партии од власта и со останатите парламентарни партии да интервенираме во Изборниот законик и да го избришеме оној дел од техничката влада, и практично од овој момент па натаму да имаме влада со политички легитимитет“, изјави Мицкоски.

Лидерската средба за изборите следува откако премиерот и претседател на СДСМ, Ковачевски, пред неколку дена изјави дека „мај нуди можност за одржување и на претседателски и на парламентарни избори“, иако досега тој не потврди дали изборите ќе бидат на 8 мај.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, изјави дека доколку 8 мај е прифатлив за одржување на вториот круг од претседателските избори и парламентарните избори, тогаш изборите би се распишале најдоцна на 28 февруари, а техничката Влада би требало да се формира до 28 јануари.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...