КОП26: Над 40 земји се заложија да запрат со производство на струја од јаглен, но има и несогласувања

Фото: Kiara Worth, UNFCCC, COP26, UN Climate Change Flickr account, CC BY-NC-SA 2.0 https://creativecommons.org/licenses/by-nc-sa/2.0/

На Конференцијата за климатски промени на ОН (КОП26) во Глазгов повеќе од 40 земји од светот се согласија на постепен прекин на производството на електрична енергија од јаглен. Поголемите економии ќе треба да го направат ваквиот прекин во текот на следната деценија, додека помалите земји имаат обврска да престанат со производството во 2040-тите години, пишува Гардијан.

Договорот посредуван од Обединетото Кралство во Глазгов означува и дека 100 финансиски институции и други меѓународни организации се согласни да го прекинат финансирањето на проекти за развој на јагленот како енергенс. Воедно, повеќе од 20 влади и финансиски институции, вклучувајќи ги Обединетото Кралство, САД и Данска, се согласија на постепено укинувањето на финансирањето во странство на проекти за сите фосилни горива до 2022 година.

Сепак, екологистите не се целосно задоволни со постигнатиот договор, потенцирајќи дека постигнатиот договор на КОП26 не е доволен, додава Гардијан. Едни од најголемите потрошувачи на јагленот за струја, како што се Австралија, Кина, Индија и САД, ги нема во ваквиот договор, но и за оние земји кои потпишале, екологистите сметаат дека роковите за укинување на овој енергенс се предолги. Тие сметаат дека укинувањето на јагленот треба да следи пред 2030 година, а не во 2030-тите години за поголемите економии.

Меѓу 40-те земји кои го потпишаа овој договор на КОП26 се Канада, Полска, Јужна Кореја, Украина, Индонезија и Виетнам. Ваквите заложби одат во корист на надежта на Велика Британија дека земјите на КОП26 ќе успеат да го одржат во живот ветувањето за одржување на глобалното затоплување во светот во рамки до 1,5 целзиусови степени.

„Денешните амбициозни обврски преземени од нашите меѓународни партнери покажуваат дека крајот на јагленот е на повидок“, изјави британскиот министер за бизнис, енергетика и индустриска стратегија Кваси Квартенг.

Меѓу земјите кои за првпат на КОП26 се обврзаа за напуштање на производството на струја од јаглен се 18 земји, вклучувајќи ги Полска, Украина, Чиле, Мароко и Виетнам.

Ова практично значи дека на КОП 26 вкупно 190 земји и организации формираа коалиција за напуштање на јагленот, кој се смета за најодговорен за климатските промени, пренесува турската агенција Анадолија.

Турската агенција Анадолија јавува дека британската влада ја објавила изјавата „Трансформација од јаглен во чиста енергија“ на (КОП26), со која таа претседаваше оваа година.

Според соопштението, 190 земји, финансиски институции и организации формирале глобална коалиција за постепено отстранување на јагленот.

Инаку, меѓу земјите во светот кои уште пред одржувањето на КОП 26 се согласија за напуштање на производството на струја од јаглен е и Северна Македонија. Постепеното исклучување на РЕК Битола е предвидено и во Стратегијата за енергетика до 2040 година, така што првиот блок на РЕК би се затворил во 2026 година, вториот блок во 2032 година, додека третиот блок ќе работи до завршување на грејната сезона 2039/2040 година.

Употребата на јагленот во производството на струја е една од главните причинители на емисии на стакленички гасови во атмосферата, кои доведуваат до глобалното затоплување. Користењето на овој загадувач на воздухот се очекува да се интензивира во претстојната грејна сезона во Северна Македонија, но и во другите земји, поради порастот на цените на струјата на светските пазари.