Депонијата од искористен јаглен во РЕК Битола | Фото: ЕСМ

Програмата за реализација на Стратегијата за енергетика 2040 ќе биде готова до март и ќе се работи врз основа на ревидираниот документ на Стратегијата, кој беше завршена во текот на ноември и декември лани. Зеленото сценарио и по ревизијата останува најприфатливото за развојот на земјава, кое треба да обезбеди и најдобри и економски и еколошки бенефити.

Стратегијата за енергетика и Програмата за нејзината реализација беа главните теми на онлајн конференцијата „Визија за енергетска транзиција 2040“, на која учествуваа амбасадорката на Обединетото Кралство Рејчел Галовеј, министрите за економија и животна средина Крешник Бектеши и Насер Нуредини, Виктор Андонов, советник за енергетика на премиерот Заев, како и директорите на ЕСМ, МЕР и  МЕПСО, Васко Ковачевски, Бајрам Реџепи и Куштрим Рамадани, претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски, претседателката на „Еко Свест“ Ана Чоловиќ-Лешоска и косултатнтот за енергетика од Велика Британија, Дан Станијазек.

Стратегијата за енергетика беше усвоена во декември 2019 година, а Програмата за имплементација која треба да опфати период од пет години до 2025 година, требаше да биде подготвена по шест месеци. Актуелната состојба со пандемијата на Ковид 19 и нејзините последици врз економијата и растот, според Александар Дединец, научен соработник во МАНУ за енергетика и животна средина, го одложи овој процес, се додека не се ажурира самата Стратегија, особено околку прогнозите за БДП, бидејќи во спротивно, во првите неколку години таа ќе отстапуваше од самата Програма. Дединец најави дека од овој месец во тек е изработката на Програмата за имплементација која се очекува да биде готова до крајот на март годинава.

Министерот за економија Крешник Бектеши на конференцијата посочи дека сите мерки и програми го работи министерството се насочени кон што поголемо воведување на обновливи извори на енергија, во последните три години интензивно се инвестира во гасификација на земјата и се планираат фотоволтаични централи на приватно и државно земјиште. Во меѓувреме, посочи Бектеши се усвои и законот за енергетска ефикасност, се работи и на подзаконските акти, а ќе се создава и Фонд за енергетска ефикасност за реализација на проекти пред се во јавниот сектор.

„Ја заокружуваме законската рамка за во следните пет години да влеземе во инвестициски циклус кој ќе ни обезбедни земјата да биде позелена, но и порационална и поефикасна во енергетскиот сектор. Предвидуваме и мерки во транспортниот сектор за подмладување на возниот парк и намалување на загадувањето и во последната верзија на законот за возила во текот на годинава, во соработка со министерството за животна средина, веројатно ќе се зголеми стандардот за увоз на возила од Еуро 4 на Еуро 5“, посочи Бектеши.

Тој нагласи дека продолжуваат мерките за субвенционирање на вградување плински уред или уред на метан во возилата, но и најави нови мерки за кои се бараат финансии како субвенции за купување на хибридни возила, но и субвенции за сите кои поседуваат автомобили со понизок стандард од Еуро 4, да ги заменат со Еуро 5 или 6.

Министерот Насер Нуредини потврди дека Македонија одбра да се имплементира зеленото сценарио од Стретегијата за енергетика и посочи дека енергетскиот развој и климатските политики мора да се интегрираат во заедничка целина.

„Нашата земја веќе го изработи интегрираниот енергетски и климатски план, а ние како министерство го подготвивме Националниот придонес кон Парискиот договор врз основа на зеленото сценарио од Стратегијата за развој на енергетиката. Клучна е подготовката на Програма за спроведување на зеленото сценарио, но и заложбата на сите ресорни министерства и чинители за имплементација. Ние, исто така работиме и на Долгорочна стратегија и Закон за климатска акција, кои ја институционализираат рамката за спроведување на обврските за редуцирање на стакленичките гасови, потребната праведна транзиција кон чиста енергија и воедно обезбедува општо подобрување на животната средина, што на долг рок значи помалку целокупни трошоци и повеќе зелени работни места“, истакна министерот Нуредини.

Тој посочи дека борбата со загадувањето на воздухот, водата и почвата тече во континуитет и дека државниот инспекторат за животна средина е постојано на терен. За некои капацитети се изречени и казни, а  се очекуваат и измените на Законот за прекршоци со кои загадувачите ќе добиваат уште поголеми казни и ќе бидат принудени да работат под истите правила како во секоја европска земја.

За амбасадорката на Обединетото Кралство Рејчел Галовеј, оваа земја останува партнер на Македонија и во реализацијата на предизвикот за реазлизација на целите зацртани во Стратегијата за енергетика.

„Предизвиците во однос на климатските промени стојат пред сите нас и сите треба да дадеме придонес во намалување на емисиите на ЦО2. Зеленото сценарио ќе овозможи позелена и поодржлина иднина и транзиција кон можностите за искористување на хидроенергијата и енергијата на ветерот и сонцето, кои секаде во светот веќе се економски повеќе прифатливи од индустријата базирана на јаглен, а треба да обезбедат и голем број на работни места“, посочи Галовеј.

Енергетската транзиција на земјава ќе се одвива и годинава, преку неколку важни енергетски проекти кои се очекува да ја раздвижат економијата но и да ги реализираат целите кои ги постави Стратегијата за развој на енергетиката. Според Виктор Андонов, советник за енергетика на премиерот Заев, меѓу приоритетите се хидроелектраната Чебрен, за кој минатата година се појавија неколку заинтересирани инвеститори, потоа фотоелектраните во Осломеј, ТЕЦ Неготино која може да се трансформира во електрана на гас или да се изгради нова и други.

Директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски најави дека РЕК Битола во моментов е столбот на енергетската стабилност на земјата, а неговата работа и искористувањето на јагленот постепено ќе се напушта до 2039 година. Прв, најави Ковачевски, ќе се затвори првиот блок на РЕК во 2026 година, а во 2032 и вториот блок. Последниот блок ќе работи до завршувањето на грејната сезона 2039/2040 година. Како замена за работата на блоковите на РЕК во следните години ќе се инвестира во зелени извори на енергија, конкретно гасна централа со јачина од 250 мегавати, која ќе произведува и топлинска енергија која преку топловод ќе се дистрибуира до Битола и соларна електрана од 200 мегавати.

За директорот на МЕПСО, Куштрим Рамадани, компанијата е подготвена за предизвикот од имплементацијата на зеленото сценарио и работи на обезбедување на сигурен пренос на електричната енергија со постојани инвестиции. Рамадани информира дека во тек се 14 проекти, а во план се и други во висина од 80 милиони евра, кои ќе се реализираат во следните три години. Тој посочи дека најголема пенетрација на приклучоци од обновливи извори се очекуваат во источниот регион кај Богданци, бво западниот од Тетово до Гостивар и во Битола.

Граѓанскиот сектор е задоволен што беше избрано зеленото сценарио од Стретегијата за енергетика, како и фактот дека јавнсота беше вклучена во нејзината подготовка. Според Ана Чоловиќ Лешоска од „Еко Свест“, граѓаните треба почесто и повеќе да бидат партнер во изработката на клучните документи во земјата, бидејќи во спротивно решенијата нема да бидат одржливи, а имплементацијата ќе биде невозможна. Таа ја повтори и потребата од навремено започнување на процесот на праведна транзиција, кој е неопходен особено во регионите на Кичево и Битола.

„Не е доволно да имаме само план, мерките треба да дојдат од локално ниво, а граѓанскиот сектор може да е мостот кој ќе ги пренесе во конкретни планови за праведна транзиција. Енергијата и животната средина одат под рака, но ако има конфликт кај некој енергетски проект, секогаш заштитата на животната средина мора да добие приоритет, посочи Чоловиќ- Лешоска. Таа нагласи дека финансирањето на проектите од зеленото сценарио е потенцијален проблем, но продобивките од инвестициите ќе бидат огромни, не само во финансиски аспект, туку и во квалитетот на животот во земјата.