Контраспин: Врвен национален и државен интерес е утврдување на научната вистина

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, одговарајќи на новинарско прашање даде изјава за првиот човек на македонско-бугарската Комисија за историски прашања, професорот Драги Ѓорѓиев во кој може да се детектира спин

-

Шефот на дипломатијата, Тимчо Муцунски, би требало добро да знае дека улогата на членовите на Мешовитата македонско-бугарска комисија е првенствено утврдување на научната вистина, т.е. на фактите, а одбраната на националните интереси е првенствена грижа на политичарите. Зашто ако научната вистина до која се доаѓа преку утврдување на факти и нивно научно толкување во дадениот временски контекст не се совпаѓа со националните и државните интереси, а притоа се инсистира од науката да се подреди, ќе се добие ништо друго освен фалсификувана историја, пишува Вистиномер во својот нов Контраспин кој го пренесуваме во целост.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, одговарајќи на новинарско прашање даде изјава за првиот човек на македонско-бугарската Комисија за историски прашања, професорот Драги Ѓорѓиев во кој може да се детектира спин:

„…Сметам, заради специфичната природа на тоа што го работат тие две Комисии не можеме сите работи да ги кажеме во јавност (од средбите со претседателите на „историските“ комисии со Грција и Бугарија-н.з.), бидејќи, нели, една од функциите е да ги штитат стратешки надворешно-политички позиции по однос на различни аспекти. Затоа, прилично сум изненаден што деновиве гледам еден научник, кој што е ангажиран и доста коректно платен од државата, да врши научна работа, како се обидува себеси политички да се профилира и додека е се уште во тековен мандат, како претседател на една од комисиите. Со тоа се поткопуваат на надворешно-политичките позиции на државата. Ние, политичарите и министрите имаме легитимитет од страна на граѓаните да носиме политички одлуки, а научниците имаат обврска да вршат научна работа и искрено сум разочаран од таквиот пристап што го гледам деновиве…“

[Извор: МИА.мк – Муцунски/прес – датум: 05.09.2024]

 

Контраспин: Министерот Муцунски со изјавата поврзана со најавената смена на членови на мешовитите комисии за историски прашања со Бугарија и со Грција, ја извртува вистината кога вели дека еден од претседателите на тие комисии (алузијата на професор Драги Ѓоргиев) „ги поткопува надворешно-политичките позиции на државата“, затоа што „се обидува себеси политички да се профилира и додека е се уште во тековен мандат, како претседател на една од комисиите“.

Спинот е од два аспекта. Едниот е дека Ѓоргиев ги поткопува „надворешно-политичките позиции на државата“ со недокажани и од ракав нафрлени етикетирања дека „се обидува политички да се профилира“, што е еуфемизам и многу учтив заменски исказ за обвинувањето за „неколкугодишното коленичење пред министерски и премиерски кабинети“, изговорено од премиерот Христијан Мицкоски пред само три дена. Овој аспект на извртувањето на вистината од страна на Муцунски (и на Мицкоски), е важен, зашто етикетата врз Ѓоргиев за политички врзан научник и член на Комисијата е стара и повторувана најмалку 4-5 години. Најмногу од ВМРО-ДПМНЕ уште кога беше опозиција, а делумно и од неколку колеги на Ѓоргиев, пред сè од Институтот за национална историја (ИНИ), како и од други установи при УКИМ и делумно од МАНУ.

Ниту еднаш пред јавноста досега не беа изнесени од ниту една страна што го етикетира Ѓоргиев и впрочем, целиот македонски дел од Комисијата, какви било сериозни факти за политичка подреденост на членовите на ова тело и на тој начин да ги „поткопуваат ги надворешно-политичките позиции на државата“ (Муцунски) или негрижа за „националните интереси на македонскиот народ“ (Мицкоски).

Какава е вистинската задача на членовите на Комисијата?

Вториот аспект на спинот на Муцунски (а особено на Мицкоски), е дека задачата на македонскиот дел од заедничката Комисија е да ги заштитува надворешно-политичките позиции на државата и националните интереси на македонскиот народ. Министерот, додуша, затоа што и самиот потекнува од универзитетското миље (Правен при УКИМ), оваа контрадикторност ја разбира и самиот и на двапати вели дека политичарите имаат една задача, а научниците друга.

Ние, политичарите и министрите имаме легитимитет од страна на граѓаните да носиме политички одлуки, а научниците имаат обврска да вршат научна работа…

… Ние имаме обврска да креираме надворешна политика, да ја имплементираме таа политика што сме ја креирале, а тие кои што доаѓаат од научната фела, при нивниот ангажман да внимаваат да ја вршата нивната работа, поврзана со нивната научна функција и зошто се ангажирани од државата. (Извор МИА).

Со други зборови, без оглед што се именувани од извршната власт, членовите на „Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, на паритетна основа“ од двете држави, имаат првенствена обврска кон науката, т.е. кон научната вистина. Нивната цел – без оглед што се продукт на билатерален политички договор меѓу Скопје и Софија – е да утврдуваат (научни) факти. Врз основа на тие факти (материјални, посредни, археолошко-антрополошки, социолошки и многу други), како и врз основа на релевантни толкувања на тие факти во даден контекст на времето (кога се случувале настаните за кои се расправа), на крајот треба да донесат заеднички заклучоци и препораки.

Време е „победниците“ да престанат да „ја пишуваат“ историјата

Ова значи дека научната вистина, а не националните и државните интереси е првостепената улога и на македонскиот и на бугарскиот дел од Комисијата. Зашто ако е обратно, ако науката е подредена на политиката, тогаш резултатот ќе бидат нови фалсификати во националните историографски научни и образовни изданија. Доколку утврдената научна вистина се совпадне со националните и државните интереси, уште подобро. И за науката и за државата.

Зашто, информираната јавност и во двете земји добро знае дека и кај нас и кај Бугарите, има значителни „фалшливи“ историографски и образовни материјали.  Со тоа што, тој период во Софија е значително поголем и се протега за времето на сите „три бугарски царства“, со кулминација во „живковистичкиот период“, додека во македонскиот дел таа продукција на неточна историја или, пак на „црни петна“, најмногу се протега од основањето на првите образовни и научни институции во современата југословенска и македонска историја, па сè до распаѓањето на социјализмот.

Сето тоа било продуцирано како резултат на надреденоста на политиката врз науката, а идните генерации не треба да растат со историски заблуди. Не им требаат нови „црни петна“ или убиства во „неразјаснети околности“.

Заштитата на научната вистина, пак, во Мешовитата комисија е обезбедена на тој начин што таа работи врз принцип на паритетна основа – колку вреди бугарскиот, толку вреди и македонскиот глас и работи врз основа на консензус, т.е. сите до еден 14 членови на Комисијата треба да кренат рака за да биде изгласана некоја од нивните ПРЕПОРАКИ (Види интервју со Драги Ѓоргиев)!

Од тука, „филмот“ што го гледа овдешната јавност со „предавство на националните интереси на македонскиот народ“ е евтин популизам и, всушност, станува збор за намера на политиката одново да биде надредена врз науката, што беше и очекувано. Впрочем, тоа не е само кај нас, туку и во Софија, а го искажа уште во 2020 година професор Петар Тодоров во интервју за „Республика’:

Во однос на политичарите и нивната улога во процесот, сакам да истакнам дека и во двете општества нивната позиција треба да биде во насока на создавање атмосфера во која историчарите ќе можат да работат професионално и без какви било притисоци. За жал, во Македонија и Бугарија има политичари чија професија е национализмот и тие претставуваат сериозна пречка за надминување на споровите, вели Тодоров.

Затоа, дел од изјавата на Муцунски може да се оцени како спин.

Пишува: Теофил Блажевски

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Студентското собрание на УКИМ со реакција за зголемените трошоци: Образованието мора да остане достапно за сите

Како Универзитетско студентско собрание, ги разбираме предизвиците со кои се соочува Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во справувањето со трошоците. Меѓутоа, сметаме дека најголемиот дел од овие финансиски...