Контраспин: Наместо фронт за борба против корупцијата, фронт против ДКСК

Oвој спин, како да добива форма на организирана акција на напад врз ДКСК, барем таков е впечатокот од вчера и завчера

Фото: Мета.мк

Во еден ден негативни реакции против ДКСК дојдоа од четири места од ЈО (жестока), од МВР, од ДИК (жестока), од Државно правобранителство, а ден претходно и од градоначалничката на Скопје. Повод – наодите и заклучоците на ДКСК за три предмети – (не)извршување на заплена на имот во случајот Труст (милионски суми во евра), сомнежи за кражба на лични податоци и сомнежи за корупција при набавка на „фингерпринтите“ за изборните процеси од страна на ДИК во вредност од над 11 милиони евра. Во сите реакции може да се најдат спинови, но, крајниот ефект врз јавноста е силен впечаток дека наместо фронт против корупцијата се отвори фронт против ДКСК, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Четири-пет реакции од различни институции и претставници од различни власти беа упатени на 19 и 20 јули кон Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), а веројатно најдискредитирачка за ДКСК и онаа што предизвика најмногу реакции во јавноста е реакцијата на Јавното обвинителство (ЈО), во која може да се препознаат цврсти елементи на спин:

Спин: Јавното обвинителство ја оценува како целосно беспредметна и непотребна иницијативата на Државната комисија за спречување на корупцијата во врска со конфискацијата на имотот во предметот „Труст“.

Иако Јавното обвинителство ќе ја прими иницијативата како и секоја друга претставка, крајно е нецелисходно ДКСК да поднесува иницијативи за кривично гонење за предмети во кои обвинителството веќе постапува.

Особено е неодговорно од една институција како ДКСК врз вака нецелосно обработени и неточни факти, да излегува надвор од своите надлежности и да прикажува „шеми“ на наводно организирано дејствување, бидејќи тоа единствено е во надлежност на истражните и на судските органи во државата.

Апелираме Државната комисија за спречување на корупцијата да се држи до своите законски надлежности и да не нанесува штета на постапките кои се во тек. Јавното обвинителство како единствен орган надлежен за кривичен прогон нема да дозволи и остро ќе се спротивстави на секој обид да се влијае врз постапките.

И покрај сите напори на Јавното обвинителство да остварува коректна соработка со ДКСК и да ја вклучи во активностите за борба против корупцијата, членовите на ова тело, наместо да ја насочат енергијата кон сопствените обврски, постојано се конфронтираат со другите институции, предизвикувајќи огромна штета на напорите за справување со корупцијатa…

[Извор: ЈОРСМ-Соопштение; датум: 20.07.2023]

Контраспин: Фронтот за борба со корупцијата, што го иницираше пред десетина дена главниот јавен обвинител, Љубомир Јовевски, се распaдна како меур од сапуница со „кавгаџиското“ соопштение и замрзнувањето на соработката со еден од главните чинители во тој фронт, ДКСК, кон која беа упатени бројни критики и квалификативи во кои може да се препознае извртување на вистината, т.е. спин.

Реагирајќи по заклучоци на ДКСК, изнесени на јавна седница околу случајот „Труст“, поточно на заклучоци за причините за неизвршување на судска одлука за заплена на милионски имот на Сеад Кочан, при што се оштетени доверители, меѓу кои и државата, Обвинителството изнесува квалификации за ДКСК, меѓу кои „беспредметна и непотребна иницијатива“, излегување „од своите надлежности“, нанесување штета на постапки“, итн., со што ја извртува вистината во споменатите пасуси.

Но, можеби најеклатантен пример за ова што го зборуваме е квалификацијата дека антикорупционерите постојано се конфронтираат со другите институции, предизвикувајќи огромна штета на напорите за справување со корупцијатa…“

ЈО со оваа квалификација прави грубо извртување на вистината, покажувајќи ја неоснованоста и на другите квалификативи што ги издвоивме. Зашто основна задача на ДКСК е токму конфронтирање и со институции и со поединци за кои ќе утврди дека или го прекршиле законот или не постапуваат во рамките на нивните (прифатени и законски) обврски. ДКСК по законска дефиниција е самостојна институција, чија задача е да утврдува мерки и активности за успешна борба против корупцијата и судирот на интереси, како и да постапува по конкретни случаи на претставки упатени до нејзе или по сопствена иницијатива.

 

ДКСК била „кабает“ зашто постапува според законот!?

Што е кабаетот на ДКСК за којшто така жестоко реагираше ЈО? ДКСК од јуни 2022 г. постапувала по допрен глас добиен од медиуми, за „неможноста да се изврши конфискација на имот според правосилна судска пресуда во случајот ,,Труст“, како и за постапување на надлежните органи во наведениот случај“.

За истиот случај долго време постапува и ЈО, кое вчера соопшти дека надлежниот јавен обвинител е пред донесување на јавно обвинителска одлука“, ама веќе согледа дека во јавнообвинителското постапување во предметот „Труст“ не е направен никаков пропуст“. И затоа, ДКСК со јавната седница веќе нанесе штета и врз ЈО и врз постапката, констатира ЈО, по што следуваше тој рој од дискредитирачки квалификативи за антикорупционерите.

ДКСК која формално го заврши предметот со донесената Одлука за стопирање на постапката, реши да ја префрли во повеќе други институции. Едната е иницијатива до ОЈО ГОКК (Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција), за постапка за покренување кривична пријава:

За сомнежи за намерно оштетување на доверители – РСМ и други, по пат на фалсификување документација, измама и перење други приноси од казниво дело, со цел обезвреднување на имот кој бил во сопственост на РСМ и преземање на неговата сопственост од страна на друго правно лице, по пат на несовесно работење и злоупотреба на службената положба и овластувања од страна на нотари, извршители, проценители и на службени лица во Централен регистар на РСМ и во Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, како и нестручно и несовесно извршување на судиската и јавно-обвинителската функција, со што е сторена штета на Буџетот РСМ и на нејзиниот имот.

ДКСК, освен ова, решиле да упатат и барања и пријави и до Советот на јавни обвинителе и до Судскиот совет и до Владата и до Министерството за правда, да ги разгледаат постапките на одговорните лица во случајот неспроведување на заплена на имот во случајот Труст, од нотари и извршители до обвинители и судиии.

Барајќи од ОЈО ГОКК да покрене кривична пријава, всушност, да постапи и да ги испита сомнежите на ДКСК за намерно оштетување на доверителите, ДКСК ниту излегло од своите надлежности, ниту може да нанесе штета на постапката, ниту пак, нанела штета на ЈО.

Впрочем, дел од овие аргументи ги наведуваат и од ДКСК во одговорот што уследи вчера, а кој беше пренесен во медиумите:

ДКСК и во овој случај постапи согласно надлежноста утврдена во член 17 став 1 точка 5, и одлучи да покрене Иницијатива за поведување постапка за кривично гонење по предметите по кои постапува.

Арно ама, ДКСК, освен ова, постави и многу логично прашање до ЈОРМ:

Како ЈО ја оцени Иницијативата дека е беспредметна и неоснована и дека Комисијата при анализа на предметот немала пред себе бројни докази ниту увид во комплетната фактичка состојба, кога Иницијативата сè уште не е доставена, а ЈО сè уште нема сознанија кои доказни материјали сме ги обезбедиле при анализата на овој предмет.

Но, точно е тоа што вели ЈО во соопштението, дека ваквата иницијатива може да влијае врз постапката, доколку сомнежите на ДКСК се темелат на аргументирани заклучоци, т.е. утврдени факти. Се разбира, ако ОЈО ГОКК и надлежниот обвинител, што веќе постапува, не ја стават иницијативата на ДКСК во фиока, согласно одлуката на ЈО да ја замрзне соработката со ДКСК и согласно оценката на ЈО дека е иницијативата на ДКСК е беспредметна.

Од средбата на ЈО со ДКСК на 17.07.2023. Фото: ЈО/веб

Од досегашните аргументи, a особено ако се погледнат надлежностите на ДКСК во членот 17 од Законот за спречување на корупција и судирот на интереси, може да се утврди дека ЈО се ползува со спинувани елементи во комуникацијата со јавноста околу работата на ДКСК.

И ДИК ѝ „раскина“ на ДКСК

Но, овој спин, како да добива форма на организирана акција на напад врз ДКСК, барем таков е впечатокот од вчера и завчера. А, впечатокот е создаден, бидејќи по соопштението од ЈО, реагираше и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, со изјава со која речиси целосно ги отфрла наодите на ДКСК околу сериозноста на случајот за можна кражба на лични податоци од страна на економски операторите што работеле за Управата за водење матични книги. Само часови подоцна и Државната изборна комисија реагираше и ја обвини ДКСК за некомпететност, отфрлајќи ги сите заклучоци и наоди на ДКСК за сомнежи за корупција при набавката на „фингерпринтите“ од 11 милиони евра за потребите на локалните и други избори во државата. Интересно, исто како и Јавното обвинителство, и ДИК ѝ „раскина“ на ДКСК, за што може повеќе да се прочита и во текстот на Мета.

Имајќи ги предвид и другите реакции од страна на надлежни функционери за постпаувањето на ДКСК, како што е и реакцијата на Државното правобранителство, а претходно и на градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, но и на други функционери од извршната власт (Артан Груби, на пример), можеби може да се констатира дека наместо фронт за борба против корупцијата, како што Јовевски неодамна најави, отворен е фронт против ДКСК.

***

Притоа, во нивната комуникација со јавноста околу ДКСК, сите забораваат и како беше избрана ДКСК и како работи и што мислат другите за ДКСК. На пример Европската комисија, која во својот последен извештај за напредок на државата во 2022 г., за улогата на ДКСК констатира:

Во согласност со препораките од претходните години, Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) беше проактивна во давањето насоки на јавните институции во политиките за спречување корупција и отвори неколку предмети, вклучително и предмети против високи функционери. Заклучоците од нејзините редовни извештаи треба целосно да се разгледаат. Напорите за подобрување на функционирањето на ДКСК треба да продолжат со натамошна распределба на финансиски и човечки ресурси – констатира ЕК. (стр.6)

Колку и што направила државата по овие заклучоци и извештаи, освен што покажала „драматична проактивност“ во отворање на фронтови за борба против криминал и корупција, особено откако некого ќе стават на „црна листа“ во САД, или на други списоци во Европа, ќе се види во новите извештаи. На странците и на домашните независни експерти. Засега, впечатокот е, дека фронтот е отворен само кон ДКСК.

Пишува: Теофил Блажевски