Коалицијата „Маргини“ со кампања за еднаквост на трансродовите лица

Фото: исечок од видео

Коалицијата „Маргини“ ја покрена кампањата „Со човековите права, не се преговара! – Еднакви пред законот и во општеството!“. Основната цел на кампањата е да се истакне итната потреба од донесување на квалитетни законски решенија што ќе обезбедат еднаков третман и достоинствен живот за трансродовите луѓе во Северна Македонија.

Од Коалицијата велат дека кампањата е насочена кон информирање на јавноста, но и потсетување на пратениците за нивниот удел во исполнувањето на обврската на државата за целосно спроведување на Одлуката на Европскиот суд за човекови права во случајот „Икс против БЈРМ“, кога трансродово лице ја тужеше државата заради не издавање на законска рамка за признавање на родот, поради што не можеше да изврши хирушка операција.

Во април минатата година, по пресудата на Европскиот суд дека државата сторила повреда на личните права на жалитетот (државјанинот што ја тужеше државата), Владата на РСМ го утврди предлог законот со кој трансродовите лица ќе можат да го променат полот во личната карта. Ваквиот закон никогаш не беше донесен.

Според коалицијата „Маргини“, постоечкиот Закон за матична евиденција не обезбедува јасна процедура за промена на ознаката за пол, со што се остава простор на надлежните институции за носење на произволни одлуки засновани на личните ставови на поединците.

„Трансродовата заедница и граѓанските организации подолго од една деценија укажуваат на отсуството на јасна законска рамка за правно признавање на родот што резултира со проблеми на трансродовите луѓе да можат да си ги остварат основните права на образование, здравствена заштита, вработување и користење на добра и услуги во секојдневниот живот“, стои во соопштението за новата кампања.

Предлог Законот за измена и дополнување на Законот за матичната евиденција што се
наоѓа во собраниска процедура делумно ги коригира недостатоците на постоечката законска рамка и доколку се усвои, државата ќе ја исполни својата обврска да обезбеди правно признaвање на родот, а трансродовите луѓе ќе можат непречено да ги остваруваат своите права со почитување на нивниот родов идентитет.

Од „Маргини“ ги повикуваат пратениците во Собранието во најбрз можен рок да ги изгласаат измените на Законот за матична евиденција со што ќе се овозможи
достоинствен живот на мала група на луѓе без да се засегне јавниот интерес.