fbpx

Претставки за дискриминација има сè повеќе, најмногу за онлајн вознемирување на ЛГБТ заедницата

До Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) лани биле поднесени 248 претставки, беше кажано на денешната презентација на Годишниот извештај за работата на КСЗД

-

До Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) лани биле поднесени 248 претставки, што е за 162 претставки повеќе од 2021 година. Ова беше кажано на денешната презентација во Скопје на Годишниот извештај за работата на КСЗД за 2022 година, од каде рекоа дека зголемувањето на бројката на претставки покажува зголемена доверба во комисијата, но и зголемена дискриминација во општеството.

Годинава, квартално, бројот на претставки е уште поголем.

Од комисијата соопштија дека лани утврдиле 70 случаи на дискриминација, а дека  вознемирувањето на ЛГБТ заедницата на социјалните мрежи е најчест облик на дискриминација во земјава. Лани биле поднесени 14 барања за поведување прекршочна постапка против утврдени дискриминатори.

„Меѓутоа, нашата работа се протега надвор од оваа област, бидејќи откривме случаи на дискриминација во речиси секој друг аспект од општествениот живот. Цврсто веруваме дека ниедна форма на дискриминација не треба да се толерира и ќе продолжиме да се бориме за еднаквост во сите нејзини димензии“, рече претседателот на КСЗД Исмаил Камбери во своето поздравно обраќање.

Претставки биле поднесувани врз основа на национална или етничка припадност, врз лично својство и општествен статус, пол, припадност на маргинализирана група, родов идентитет, сексуална ориентација.

Како што соопштија од КСЗД, има и претставки поднесени врз основа на политичко уверување, социјално потекло, образование, попреченост, здравствена состојба, раса, возраст, род, јазик, семејна или брачна состојба, религија или верско уверување, друго уверување, имотен статус, боја на кожа, потекло, друга основа.

Поднесените претставки се од областа на работата и работните односи – 86, јавното информирање и медиуми – 76, пристап до добра и услуги – 25, образование, наука и спорт – 18, социјална сигурност – 18, правосудство и управа – 10, домување – девет, членување и дејствување во синдикални политички партии, здруженија на граѓани и фондации или други организации засновани на членство – шест и една од областа на културата.

Во случаите на утврдена дискриминација во 2022 година констатирана е повреда на правото на еднаквост врз 22 различни основи и тоа во следните области:

  • 37 во јавното информирање и медиуми
  • 15 во работата и работните односи
  • 10 во пристапот до добра и услуги
  • 6 во образованието
  • 2 во здравствено осигурување и здравствена заштита
  • 1 во спортот
  • 1 во дејствување на здруженија, фондации или други организации засновани на членство

Заради непостапување по препораките на Комисијата поднесени се 14 барања за поведување на прекршочни постапки против утврдени дискриминатори, од кои за 9 судовите повеле прекршочни постапки.

Во 2022 година донесена е и првата пресуда со која судот казнил дискриминатор по барање поднесено од КСЗД. Па така, Граѓанскиот суд во Скопје донел првостепена пресуда по тужба од јавен интерес во која се утврдила дискриминација кон лицата со попреченост за пристап до и во избирачките места. Ова е првата судска постапка во која Комисијата за спречување и заштита од дискриминација го употреби институтот „пријател на судот“ (amicus curiae) и дала свој придонес во постапката.

Од дискриминација во областа на здравствената заштита и здравственото осигурување, имало продолжена дискриминација врз основа на пол во УК за детски болести врз татковците на хоспитализирани деца. Па така, на татковците им било овозможено да ги придружуваат децата само преку ден. Во текот на вечерта, хоспитализираните деца можеле да бидат придружувани само од мајката, а доколку таа не била во можност, тогаш од роднини на детето од женски пол.

„Повикувам и натаму да работиме кон иднина каде што секој поединец ќе биде третиран со достоинство, почит и да изградиме општество каде што секој поединец ќе има еднакви можности да го искористи својот максимален потенцијал“, рече Камбери.

Јавната презентација на Извештајот е поддржана во рамките на проектот „Комисијата за антидискриминација ја извршува својата превентивна и заштитна улога“. Проектот е финансиран од Европската Унија, а имплементиран од Македонскиот центар за меѓународна соработка.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Норвешка донираше 76 неборбени моторни возила за Северна Македонија

Донација составена од седумдесет и шест моторни возила од Кралството Норвешка, официјално беше предадена на Армијата на Република Северна Македонија на пригодна церемонија која се одржа во касарната Илинден...