Во Јавното обвинителство ги споделив сите информации со кои располагам, се надевам и убеден сум дека од денес ќе завршат лажните вести, манипулациите, инсинуациите кои што реално нанесоа штета на самата истрага, рече пратеникот на СДСМ, Александар Кирацовски по распитот за случајот „Рекет“.

На новинарско прашање одговори дека не присуствувал на средби на Бојан Јовановски со бизнисмени, а не бил ниту член на Меѓународниот сојуз.

„Јас сум повикан за еден мал сегмент. Тоа со Камчев, Кичеец, Катица не се дискутираше со мене. Ниту ги знам, ниту ги познавам, ниту сакам да ги запознаам“, рече Кирацовски.

Тој изјави дека не знаел оти Јовановски вршел рекет, а гостувал во телевизијата „1ТВ“ кога бил шеф на Изборнниот штаб на претседателот Стево Пендаровски.

Во однос на прекарот Кики, рече дека не се препознава под тој псевдоним.

„Имав средба со Героски и сакав да проверам дали ме препознава мене или некој друг. Героски ми призна дека во однос на мене направил фаул“, рече Кирацовски.