Кенија прогласи државен празник за садење дрва

Министерот за внатрешни работи на Кенија Китуре Киндики на социјалните медиуми објави дека 13 ноември 2023 ќе биде празник за пошумување, како реакција на негативните ефекти на климатските промени

Image by Antony Trivet from Pixabay

Кениската влада денес објави дека 13 ноември 2023 ќе биде државен празник за садење дрва. Министерот за внатрешни работи на Кенија Китуре Киндики на социјалните медиуми напиша дека целта на пошумувањето е да се балансираат негативните ефекти на климатските промени, известува Гардијан.

Оваа иницијатива е дел од поширокиот план на Кенија за справување со последиците на климатските промени. Се планира да се посадат 15 милијарди дрва до 2032 година.

Во моментов 7 отсто од површината на Кенија е покриена со дрва, а во план е да се стигне до 10 отсто. Кениската влада има одвоено 75 милиони евра за да се постигне целта.

Климатските промени имаат особено лоши последици во регионот на Северноисточна Африка, познат и како Африканскиот рог. Во регионот веќе петта година по ред е „неуспешна“ дождовната сезона, односно има паднато многу помалку дожд од вообичаеното. Оваа состојба има доведено до рекордни суши.

Кралот Чарлз III, кој претходната недела ја оствари својата прва посета во Кенија како крал, ги поздрави кениските политики во однос на климатските промени. Тој самиот посади дрво во државата.