Каракачанов: Никаквеци во Стејт Департментот виделе Македонци во извештаите на соросоидни организации

Красимир Каракачанов, бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, како и претседател на националистичката ВМРО-БНД, коментирајќи го последниот годишен извештај на Стејт департментот за човековите права, вчера за „Пик.тв“ искажа огромно незадоволство и навреди за забелешките дадени за земјата, посебно во поглед на тоа дека во Бугарија има етнички Македонци на кои не им е дозволено да регистрираат свои здруженија.

„Тие ја гледаат Бугарија како Занзибар, не ги знаат проблемите и си пишуваат нешто. Да ги прашам овие никаквеци во Стејт Департментот на САД какво е тоа македонско малцинство – тие гледаат некои извештаи од соросоидните организации и НВО-а што се издржуваат од грантови, коишто тие ги потхрануваат, за да плукаат по Бугарија. Шизофренијата американски чиновник да ја тера Бугарија да признава такви нешта не е прифатлива“, порача Каракачанов остро.

Тој ги нарече луѓето до ОМО „Илинден“ „платеници на Скопје“.

„Кои се тие во ОМО ‘Илинден’ – сите се на платен список на Скопје, тоа е платено ‘малцинство’, кое нѐ тераат да го признаеме“, се жестеше Каракачанов.

Бугарскиот вицепремиер рече дека САД си ја зацврстува својата државност, а ја тера Бугарија да ја разурнува нејзината.

„Какви репресирани Македонци има во Бугарија?! Некои си пишуваат извештаи – нека пишуваат што сакаат. Тие нека воведат тексашко малцинството и аризонско малцинство. Само што, политиката таму е да ги интегрира сите и да ги направи Американци. И зошто тие да ја зајакнуваат својата државност, а ние ја разурнуваме“, рече Каракачанов.

Стејт Департментот на САД во годишниот извештај за состојбата на човековите права во Бугарија наведуваат дека бугарските власти и покрај пресудите на Европскиот суд за човекови права одбиваат да ги регистрираат здруженијата на Македонците во Бугарија.