Фотографија: Веб-сајт на Министерството за одбрана на Република Бугарија

На само еден ден откако се нафрли на Стејт Департментот на САД, нарекувајќи ги „никаквеци“ поради тоа што во годишниот извештај за човековите права за Бугарија побарале да се признае македонско малцинство во земјата, Красимир Каракачанов, бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, како и претседател на националистичката ВМРО-БНД, денеска повторно во телевизиско гостување излезе со своите тези на негација на постоењето на македонска нација.

Во гостувањето во емисијата „Уште од денот“ (Още от деня“) на Бугарската национална телевизија, бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана повторно се наврати на извештајот, велејќи дека на неговите автори некој им дава многу искривени информации, а и не си ги научиле лекциите по историја и не ги читале извештаите на нивните колеги од 1940-те и 1950-те години, кои пишувале за Бугари на територијата на денешна Северна Македонија.

„Луѓето што го пишувале извештајот во делот за македонското малцинство или не си ја научиле лекцијата по историја или не ги читале извештаите на нивните претходници. Им препорачува на оние во Стејт Департментот што го пишувале извештајот да прочитаат што пишувале нивните колеги во истиот тој Стејт Департмент во Вашингтон во 40-те – 50-те години, коишто многу јасно пишуваат какво е населението во денешна Северна Македонија. Тие зборуваат за Бугари. И тоа се извештаи на ЦИА и на нивниот Стејт Департмент. Пишуваат за Бугари што гледаат кон Бугарија и не сакаат да живеат во Југославија“, порача Каракачанов.

За барањето во годишниот извештај да се признае македонско малцинство во Бугарија, Каракачанов вели дека Бугарија не може да признае „малцинство на нација создадена во Москва“, репризирајќи ги повторно своите тези дека македонскиот народ е „измислен“ под притисок на СССР.

„Во еден момент на почетокот на 21-от век почнуваме да зборуваме за нешто друго. Кое македонско малцинство треба да го признае Бугарија? Тоа што беше создадено во Москва ли? Нешто не ми изгледа логично. Нема никаква основа за една нација создадена во Москва, наложена на Титова Југославија по 1944 година некој да тврди дека таа нација на територијата на Бугарија да биде призната за малцинство. Тоа е апсурд на апсурдите“, искоментира претседателот на ВМРО-БНД.

За делот на извештајот каде што тој е директно посочен за поднесувањето жалба до Главниот обвинител на Бугарија за две регистрирани „сепаратистички организации“, Каракачанов рече дека не се кае и тоа повторно би го направил.

„Да, сум го сторил тоа и пак ќе го сторам. И би го направил не само затоа што сум министер за одбрана и вицепремиер за безбедност, туку зашто сум Бугарин“, порача Каракачанов во емисијата, во која зборуваше и за протестите против власта во Бугарија, во која учествува и неговата ВМРО-БНД.