fbpx

Канческа-Милевска: Повеќе од 1.700 проекти ја унапредија културата во 2014 година

-

Во 2014 година се завршени повеќе од 1.700 проекти, што е 98 отсто реализираност од планираните. Најмаркантни за годината што завршува се отворањето на Археолошкиот музеј на Македонија, кој за два месеца има 10.000 посетители, и новата зграда на Велешкиот театар по 66 години театарска дејност во градот, истакна министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на прес-конференција на која присуствуваа и директори на национални институции од културата.

– 2014 беше година на културата и на проекти за кои се чекаше со години. Тие ја унапредија културната клима во нашата држава, ја збогатија културната понуда за граѓаните и беа соодветен одговор на нивните потреби и барања – рече Канческа-Милевска.

Таа соопшти дека 2014 беше и година на стимулативни мерки кои, според неа, наишле на огромен интерес и поддршка од уметниците: откупени се 64 ликовни дела, нарачани се 42 дела од класичната музика, субвенционирани се 106 забавни и фолк-композиции и поддржан е превод на дела од 21 македонски автор на 15 странски јазици. Министерката за култура потсети дека стимулативните мерки се во согласност со Националната стратегија 2013-2017, од чии резултати е задоволна зашто се исчекор во развојот на културата. Активностите предвидени во стратегијата во 2014 биле исполнети 70 проценти.

Задоволна е и од напредокоот на филмската дејност, кој се должи на зголемувањето на средствата за продукција, даночните олеснувања, односно правото на поврат на средства, овозможени со новиот Закон за филмска дејност. Секоја година излегуваат по два нови македонски филма, а идната година ќе има седум што е најголем број домашни филмски премиери во една година, најави Канческа-Милевска.

Таа информираше и за доделените национални пензии и за вработувањето на вкупно 129 уметници – кадар во театрите, МОБ, Филхармонија и во ансамблот „Танец“. Рече дека за идната година се планираат 120 вработувања – стручен кадар во областа на заштита на културното наследство и конзервација, во музејска и во библиотечна дејност.

Интензивно се работело и на истражување на археолошките локалитети. Во Скупи тие се завршени и идната година се планира почеток на реконструкција на гледалиштето и на театарската зграда. Голем е бројот на проекти за заштита на културно наследство, меѓу кои се и тие за обнова на фасадите на стара архитектура и за реставрација на сакрални објекти, а со закон беше заштитено старото градско јадро на Кратово.

Во издавачката дејност се реализираа капиталните литературни проекти, во театарската дејност покрај премиерите и отворањето на Велешкиот театар, 2014 е значајна и за востановувањето на новиот „МНТ-фест“ на кој годинава гостуваше и Шекспировиот театар „Глоуб“.

Канческа-Милевска ги наброи и реализираните проекти во музичко-сценската и ликовната дејност, како и во музејската област: нова поставка во Музејот на современата умертност, нов Музеј на прогонетите од егејскиот дел на Македонија, Музеј на ВМРО за Штип и Штипско 1893-1934 во Ново Село, новоотворената Златна одаја во Куќата на Робевци во Охрид, реконструктивни зафати во домови и центри за култура во повеќе општини, покривна конструкција на Античкиот театар, реконструкција и санација на Бигорскиот манастир….

Се осврна и на манифестациите и соработката со меѓународни организација, како УНЕСКО (кое годинава го прифати орото „Копачка“ на листата на нематеријално културно наследство) и Европската Унија и нејзината нова програма за култура „Креативна Европа“ 2014-2020 во која е вклучена и РМ.

Годинава македонската култура имаше и меѓународна презентација во неколку земји по повод 20 години дипломатски односи, меѓу кои Канческа-Милевска ги спомна Австрија, Чешка и Ватикан, како и учеството во Рига – европската престолнина на културата во 2014.

Буџетот во културата за 2015 е 3,6 милијарди денари, што е за 0,79 проценти повеќе од буџетот за оваа година. За програмските дејности за 2015 година се наменети 837 милиони 278 илјади денари.

Министерството за култура денеска на својата веб-страница и во дневниот печат ги објави проектите што се содржани во годишните програми на националните установи во културата за 2015 година и проектите поддржани на годишните конкурси по одделни области и активности од културата за 2015 година.

Канческа-Милевска соопшти дека наредната година ќе се инвестира во тековните капитални проекти: изградба на салата за Македонската филхармонија, изградба на театар и библиотека во Тетово, изградба на Струмичкиот и Турскиот театар и реконструкција на Албанскиот театар, за Плаошник и за домот на културата во Кисела Вода. Ќе биде поддржана и внатрешна реконструкција на Македонската опера и балет, Театарот за деца и младинци и Центарот за култура во Прилеп.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Полицијата насилно го задуши про-палестинскиот протест на Универзитетот Калифорнија

Стотици полицајци влегоа на кампусот на Универзитетот Калифорнија (УКЛА) денес во обид да го расчистат про-палестинскиот протестен камп, кој вчера беше нападнат од израелски поддржувачи, пишува Гардијан. Се проценува дека...