fbpx

Кацарска: Над 2 години чекаме избор на уставни судии, фрапирана сум од измените на Кривичниот законик

„Навистина сум фрапирана како тоа се донесе закон, без никаква опструкција дури ни од опозицијата, а од друга страна две години и веќе неколку месеци не може да се изберат судии на Уставниот суд, не може да се комплетираме“, изјави претседателката на Уставниот суд

-

Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска е изненадена и фрапирана од носењето на измените од Кривичниот законик, особено што истите се донесоа без никаква опструкција дури ни од опозицијата, а во услови кога повеќе од две години не може да се комплетира Уставниот суд и да се изберат уставни судии.

„Би сакала да кажам дека сум навистина изненадена со носењето на овие измени од Кривичниот Законик, воопшто не знаев дека се спремаат такви измени. Како долгогодишен судија од Кривичниот суд секако дека не се согласувам со вакви измени на КЗ, поготово не за вакви кривични дела. Но јас би кажала и нешто друго во тој поглед. Ако досега судиите имаа донесено пресуди по сите тие предмети, се сомневам дека ќе имаше вакви измени на КЗ. Според овие измени, според она што го читам во медиумите, бидејќи јас не ги работам тие предмети, секако дека ќе има застарувања на поголем дел од овие предмети што се во Кривичниот суд, но не знам кои се и колку бидејќи јас не ги работам“, изјави Кацарска.

Во однос на нејзините предмети, Кацарска имала неколку предмети од СЈО и истовремено го работела и предметот за нападот во Собранието и сите нејзини предмети не само што се правосилно завршени, туку и се завршени и со вонредни правни лекови и пред Врховниот суд, каде и се потврдени пресудите.

„Затоа и реков, ако судиите имаа донесено во меѓувреме пресуди се сомневам дека ќе дојдевме до ситуација да имаме измени на Кривичниот законик“, одговори Кацарска.

На прашањето каков е нејзиниот став што овие измени се донесоа експресно а дел од законите па и изборот на уставните судии се закочени во комисиите, Кацарска одговори:

„Навистина сум фрапирана како тоа се донесе закон, без никаква опструкција дури ни од опозицијата, а од друга страна две години и веќе неколку месеци не може да се изберат судии на Уставниот суд, не може да се комплетираме. Што значи каде што им одговара на политичарите не се прават опструкции,  така се тера, таму каде што сакаат да прават опструкции може да ја блокираме државата“, изјави претседателката на Уставниот суд.

На прашањето за дадените изјави во јавноста од страна на правници кои го оправдуваат намалувањето на затворските казни, Кацарска одговори дека не се согласува со таквата изјава, бидејќи не можеме да имаме само благи казни.

„Во поглед на високите казни имаше критики ако се сеќавате за пресудата за 27 април, дека сум дала драконски казни. Но, што правиме кога имаме слична ситуација и во Америка каде што се дадени повисоки казни за упадот во Капитол хил, таму има многу повисоки казни од 22 години, 19 години, што значи во рамки како моите казни. Ние не може да поистоветуваме висина на казни, конфискација итн.“, рече Кацарска.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Учениците од утре на пролетен распуст

Учениците од основните и средните училишта низ државата од утре, 29 април, ќе бидат на пролетен распуст. Распустот ќе трае 8 дена, а во училишните клупи ќе се вратат...