Илустрација: nyfrese on Pixabay.com

Движењето „Кју“ континуирано лиферува разни обвинувања на истакнати јавни личности, пред сè, политичари, бизнисмени (Обама, сопружниците Клинтон, Џорџ Сорос и други), па дури и холивудски актери блиски или од кругот на Демократската партија на САД и има стекнато одредена популарност кај поддржувачите на ултрадесничарските политики и ставови на Трамп. Не постојат докази за никакви киднапирања на деца, а уште помалку за некакви херојски подвизи на Трамп кој ги спасувал тие деца. Фотографиите во постот не прикажуваат никакви сатанистички симболи и пораки, туку се уметнички дела, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Пост на Фејсбук тврди дека секоја година се краделе 8 милиони деца и дека поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп ставил крај на тоа. Ваквите тврдења се паушални, неиздржани и невистинити.

Сатански споменици низ Европа.

8 000 000 деца секоја година ги крадеа.

Трамп им стави крај.

2016 -2020

Затоа цел естаблишмент го мрази.

Од командир на полициска станица до претседател на држава и сите медиуми.

Постот е придружен од фотографии со споменици за кои се тврди дека се сатански.

Објавата изнесува тврдења за киднапирање деца без никакви релевантни факти и докази. Ова се само паушални тврдења кои имаат за цел да го претстават Трамп како некој херој кој наводно ги спречил ваквите киднапирања. Овие теории на заговор ги шират поддржувачите на крајно десното конспиративно сајбер движење во САД познато како „Кју-Анон“ или само „Кју“ (QАnon – Q) кои продуцираат обвинувања за неговите политички противници, а ги величаат неговите потези кои наводно ги правел додека бил претседател. „Вистиномер“ досега има дебанкирано вакви и слични информации за наводно киднапирани деца кои ги спасил Трамп. Движењето „Кју“ континуирано лиферува разни обвинувања на истакнати јавни личности, пред сè, политичари, бизнисмени (Обама, сопружниците Клинтон, Џорџ Сорос и други), па дури и холивудски актери блиски или од кругот на Демократската партија на САД и има стекнато одредена популарност кај поддржувачите на ултрадесничарските политики и ставови на Трамп.

Откако аферата „Пицагејт“ од 2016 година спласна, а случајот со обвинетиот американски финансиски магнат Џефри Епстин заврши кога тој се самоуби во својата ќелија во њујоршкиот затвор, каде што го очекуваше продолжетокот на своето судење за организирање малолетничка проституција, „Кју-Анон“ го има преземено наративот за поврзаноста на американската либерална политичка, холивудска и бизнис-елита со педофилија и сатанизам, а Трамп е претставуван како големиот спасител на децата од канџите на сатанистите.

Што се однесува до фотографиите од спомениците во постот (првите две), за кои се тврди дека се сатански, доколку ги пребарате на Гугл ќе видите дека тие се дело на познатиот норвешки уметник Густав Вигеланд.

Скулптурите се дел од монументалниот мост на Вигеланд сместен во паркот Фрогнер во Осло. Мостот е направен од гранит и е долг 100 метри. Декориран е со лампиони и вкупно 58 бронзени скулптури на оградата. Скулптурите прикажуваат голи деца, жени и мажи во различни пози и композиции, вклучувајќи го и популарниот „Sinnataggen“. Во аглите на оградата во периодот од 1918–1930 година се поставени четири октогонални столбови со групи гуштери во гранит. Телото на мостот се наоѓа над постар мост кој бил изграден над северниот и јужниот дел на Фрогнердам. Скулптурите се моделирани од 1925 до 1933 година и поставени во 1940 година.

На оваа фотографија е прикажана плочата во Палацо Салвадори во Трент, Италија, која го илустрира наводното мачеништво на детето Симон од Трент во рацете на Евреите.

Од сите горенаведени факти може да се каже дека не постојат докази за никакви киднапирања на деца, а уште помалку за некакви херојски подвизи на Трамп кој ги спасувал тие деца. Фотографиите во постот не прикажуваат никакви сатанистички симболи и пораки, туку се уметнички дела. Според тоа, постот што го анализираме го оценуваме како невистинит.