Фото: Суад Бајрами, Порталб.мк

Од Министерството за внатрешни работи (МВР) информираат дека од 22.00 часот на 30 март до 5 часот утрово констатирано е дека 23 лица не ја почитувале забраната за движење. Во текот на изминатото деноноќие на територијата на државата, за мерката за носење лична заштита на лице, регистрирани се 609 прекршоци.

„Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да ги почитуваат мерките и протоколите донесени од Владата и сите заеднички да придонесеме за спречување на ширењето на ковид-19“, се вели во соопштението на МВР.

Инаку, од почетокот на полицискиот час на 10 март до вчерашниот ден, на територијата на главниот град, СВР Скопје до Основното јавно обвинителство во Скопје поднесе вкупно 48 кривични пријави и две известувања против 55 лица, поради постоење основи на сомнение дека сториле 55 кривични дела „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“, предвидено и казниво по чл.206 ст.1 од Кривичниот законик. Имено, во периодот од 10.03.2021 до 29.03.2021 година тие се движеле без дозвола за движење за време на полицискиот час од 22 до 05 часот.

Воедно, за констатирани групирања на лица на јавно место или на домашни прослави, спротивно на донесените мерки, како и групирање во угостителски објекти или задржување во нив по работното време, спротивно на воспоставените протоколи, а кои се констатирани во првото тромесечје од 2021 година, заклучно со 29.03.2021 до Основното јавно обвинителство во Скопје се доставени и вкупно 19 кривични пријави против 45 физички и едно правно лице.