Изложба на студентите на ФЛУ во куќата на Личеноски: Граѓаните гледаа дела и негрижа на државата [фото]

Фото: Мета.мк

„Спомен-куќата на Личеноски во духот на едукацијата и визионерството ја претвораме во работилница за студентите да го утврдат или демистифицираат просторот и ставот кон него“, ќе напише професорката Славица Јанешлиева од Факултетот за ликовна уметност (ФЛУ) по повод отворањето на денешната изложба на студентите на ФЛУ во Куќата-музеј на Лазар Личеноски лоцирана под Скопското кале, веднаш до зданијата од „Скопје 2014“.

Граѓаните денеска имаа можност да се запознаат со уметничките дела на студентите кои се создадени и инспирирани од личноста и творештвото на Личеноски, од самата куќа и простор, но и од односот кон културата и културното наследство во земјава. Истовремено, посетителите можеа да се “запознаат” и со девастираниот простор на спомен-куќата и негрижата за македонското културно наследство од страна на државните институции.

Објектот во подножјето на Скопското кале од 2015 е во државна сопственост, како дел од Националната галерија на Северна Македонија, но самата ревитализација на зданието се одвива бавно.

Инаку, изложбата се организира во рамките на активностите на одбележувањето на роденденот на Europe House Skopje, со кои во текот на ноември се оддава почит на културното наследство на македонскиот сликар Лазар Личеноски (1901-1964).

Покрај денеска, изложбата на студентите од ФЛУ во куќата на Личеноски ќе биде отворена за јавноста секој вторник и четврток, во периодот од 15 до 30 ноември од 12 до 14 часот.