Изложба на карикатури „На тенок мраз“ од Лазо Плавевски во сабота во МСУ

Извор: МСУ

Музејот на современата уметност – Скопје ја најавува изложбата на карикатури „На тенок мраз“ од истакнатиот карикатурист Лазо Плавевски, која ќе биде отворена во сабота (16 април) со почеток во 12 часот во просториите на музејот.

„Изложбата го прикажува творештвото на Плавевски настанато во последните седум години. Станува збор за карикатури коишто тој од 2015 година континуирано ги објавува на веб порталот „Окно“, а за чија реализација беше поттикнат од кризната состојба во којашто се најде нашата земја, како резултат на недемократските практики на владеење од страна на владејачките структури (незаконско прислушување, Скопје
2014, изборни манипулации, партизација во сите сфери на општественото живеење). Во овој период објавени се над 500 карикатури (од првите четири карикатури објавени во март 2015, па се до последната серија од 16 карикатури На тенок мраз! објавена во јануари 2022), во коишто е претставена м(р)ачната состојба во „македонскиот Темен Вилает“, но и м(р)ачната состојба во којашто се наоѓаме како
резултат на суспендирањето на позитивните придобивки и утопистички претпоставки на модерната“, се вели во најавата за изложбата.

Извор: МСУ

Карикатурите се објавувани во серии и се осмислени како одредени тематски целини. Во нив тој ги коментира и сецира политичките и општествените случувања во земјава, покривајќи широк спектар теми, од скандалот со прислушувањето, популизмот, моќта, капиталот, идентитетот, револуционерниот елан, пандемијата, до серија „случки“ поврзани со одредени животни ситуации и парадокси.

Куратор на изложбата е Љиљана Неделковска. „На тенок мраз“ ќе презентира околу 200 оригинални и дигитални принтови на карикатури. Поставката е извонредна прилика, не само да се согледа творечкиот ангажман на Лазо Плавевски во областа на карикатурата, во која што тој зазема значајно место, туку и да се поттикне и обнови интересот за овој уметнички медиум којшто во последниве децении е речиси доведен до работ на сопственото исчезнување.

По повод отворањето ќе биде презентиран и каталогот за изложбата што е составен дел на проектот.

Лазо Плавевски e карикатурист, историчар на уметноста, куратор, ликовен критичар. До 2021 година работи како кустос/кустос советник во Музејот на град Скопје. Како куратор има организирано голем број самостојни и групни изложби, а како карикатурист реализирал неколку самостојни проекти и учество на повеќе групни изложби. Карикатури објавува од 1970 година во повеќе списанија во земјава и странство. Во 1976 година ја добил наградата GRAND PRIX на Светската галерија на карикатури во Скопје. Автор е на книгата „Нема книга / карикатури 1990 – 1993“ и заедно со Мирослав Грчев на книгата „Картички“. Проектот„Неупотребливи белешки“ е публикуван во форма на каталог/книга во 2009 година, а во 2016 година на порталот Окно е објавена неговата електронска книга „Речитатив за Tемниот Вилает“.