Пожарот што утрово изби зад спортската сала „Борис Трајковски“ во близина на кејот на Вардар, е изгаснат. Градоначалникот на Општината Карпош Стефан Богоев вели дека бил запален различен отпад на нова дива депонија, која е направена на истото место каде што Градот Скопје и Општината неколкупати чистеа во изминатиот период. Во моментов на терен се уште се пожарникарите на Противпожарната бригада на Градот Скопје, а им помага и општинска механизација.
„Се работи за земјиште кое неколкупати го чистиме од шут и друг најразличен отпад, ставивме и огради за да ги спречиме несовесните граѓани да влегуваат со камиони, но и понатаму ни се случува истото. Проблемот е во тоа што земјиштето е со мешана сопственост, државна и приватна, поделена со идеални делови, па на Општината на некој начин и се врзани рацете. Ниту можеме да го уредиме како државно, ниту пак да го казниме сопственикот“, објаснува Богоев.
Тој вели дека општинските власти планираат да поведат постапка пред Катастарот на недвижности за дефинирање на приватните парцели и државното земјиште и нивно одвојување, за да може во иднина да се одвои и одговорноста и полесно да се заштити локацијата од создавање на нови депонии.