„Изборологија“ – првата онлајн друштвена игра за политичка едукација на младите

фото: Здружение ЛЕАД

Здружението Лидери за едукација, активизам и развој (ЛЕАД) и Фондацијата Конрад Аденауер ја креираа „Изборологија“ – првата онлајн друштвена игра за зголемување на политичката едукација на младите.

Играта им овозможува на играчите да „влезат во чевлите“ на лидер на замислена политичка партија и да учествуваат во парламентарните избори во нашата земја.  Примарна целна група за која е наменета играта се млади гласачи или млади кои допрва треба да добијаат гласачко право, но достапна е за сите заинтересирани.

„Изборологија претставува добра можност преку игра да се запознае политичкиот систем на земјата. Особено е интересно што играчите се соочуваат со реални предизвици, што се дел од изборна кампања и политичките партиски активности во Северна Македонија“, изјави Даниел Браун, официјалниот претставник на Фондација Конрад Аденауер во Северна Македонија.

Со играње на „Изборологија“ со други корисници, играчите имаат можност одблиску да се запознаат со политичкиот систем во нашата земја, да разберат како функционира парламентарната демократија, како се спроведуваат изборите за пратеници во Собранието и на кој начин политичките партии учествуваа во парламентарните избори.

Младите луѓе во Северна Македонија активно учестуваат во изборните процеси во земјава, при што секој втор млад човек редовно гласа на избори, а од друга страна повеќе од половина од младите, односно 56 отсто, ретко или никогаш не ги следат и не се заинтересирани за политичките настани и случувања во земјата. Тоа значи дека голем дел од младите неинформирано се вклучуваат во изборните процеси, што укажува на нистка политичка свест и едукација помеѓу младите, велат од Здружението ЛЕАД.

„Нискиот степен на политичка свест и едукација кај младите е сериозен проблем и важно е да бидеме креативни при решавање на истиот. Традиционалните форми на едукација веќе не даваат големи резултати, па затоа го креиравме овој модел на учење преку игра, бидејќи тоа е она што е прифатливо за младите“, вели Илија Станковски, програмски директор на Здружението ЛЕАД.

Две недели по официјалното објавување, играта „Изборологија“ има повеќе од 200 креирани кориснички профили. Во моментов е отворен и повик за учество на турнир кој трае до 20 јануари, а ќе се спроведе во периодот од 24 до 28 јануари.