Зоран Заев е тој што повикува на украинско сценарио, на насилство и ја споредува состојбата во Македонија со онаа во Сирија. Ова денеска го изјави претседателот Ѓорге Иванов, одговарајќи на новинарско прашање за повикот што вчера до него го упати лидерот на СДСМ, да ги објави разузнавачките информации за подготвување на граѓанска војна во државата.

– Зоран Заев е тој што повикува на украински сценарија, на користење на насилство. Тој ја споредува состојбата во Македонија со состојбата во Сирија. Тој е еден од учесниците во случајот „Пуч“ и на суд треба да ги каже и да ги прифати сите факти за тој случај – изјави Иванов.

Прашан за упадот на 40-члена група на територијата на земјата, Иванов рече дека тој информацијата ја споделил во јавноста уште пред неколку месеци и оти станува збор за поголема група чија цел била да отцепи дел од територијата на Македонија.

– Тие информации ги споделив по седницата на Советот за безбедност и тие информации се општо познати. Не станува збор само за 40-члена група, туку тоа е многу поголема група од која 40 дојдоа на наша територија и полицијата успешно се справи со нив и на некој начин не дозволи да успеат во нивните намери. Тие се дел од кумановската група и сакаат да отцепат дел од територијата на Македонија, каде не би биле под јуриздикцијата на Судот за воени злосторства на Косово – рече Иванов.

Претседателот на државата денеска беше во посета на МВР, каде имаше средби со министерот за внатрешни работи Митко Чавков и директорите на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) и на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) Горанче Савовски и Љупчо Андоновски.

Иванов, по средбите изјави дека неговата посета на МВР е дел од посетите на институциите ангажирани околу справување со мигрантската криза и во пресрет на вториот бегалски бран, што се очекува летово.