Девет тимови викендов во Скопје, на климатскиот камп, ќе се натпреваруваат за награда од 10.000 долари за борба против климатските промени и поттикнување на урбаната отпорност.
УНДП и УСАИД, во април годинава, објавија предизвик до сите граѓани да предложат иновативни идеи за справување со климатските промени. Предизвикот, кој беше организиран во партнерство со Амбасадата на Шведска, Министерството за животна средина и просторно планирање, Милиеуконтакт Македонија и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, има цел да ги искористи талентите на граѓаните како поддршка во остварување на глобалните цели за одржлив развој поврзани со климатски промени и одржливи градови.
– Борбата против климатските промени е една од седумнаесетте глобални цели усвоени од сите земји членки на Обединетите нации минатата година. Секоја земја и секој поединец има улога во оваа борба. Политиките и заложбите треба да се преточат во конкретни активности преку свежи идеи и ангажман од сите страни за нашите градови да станат побезбедни, позелени и почисти – изјави постојаниот претставник на УНДП, Луиза Винтон.
Директорот на мисијата на УСАИД во Македонија, Џејмс Стајн, соопшти дека се фокусирани на урбаната отпорност бидејќи порастот на популацијата и урбанизацијата вршат сериозен притисок врз нашите градови.
– Проценките укажуваат дека до 2050 година, 70 отсто од светската популација, или 6,3 милијарди луѓе ќе живеат во градовите, зголемувајќи ги побарувачката за енергија и загадувањето на воздухот. Во сржта на овој отворен собир е активното учество на секој од вас и на вашите заложби да ги преточите идеите во конкретни проекти што ќе донесат вистинска промена – рече Стајн.
Повеќе од 60 идеи беа испратени за натпреварот, од кои деветте најдобри се најдоа во потесниот избор за понатамошен развој, а тоа се: герила-постојки за велосипеди, мотори и автомобили што работат на компримиран воздух, употреба на зеолити во борбата со емисиите на штетни гасови, билборди за прочистување на воздухот, машина која рециклира пластика во супермаркети, паметен енергетски чадор, своевидниот часовник за подигнување на свеста за квалитетот на воздухот во нашите домови, интернет-страница и мобилна апликација која ќе служи за заштита на зеленилото во градот и „детектор на богатство“ за редуцирање цврст отпад.