Експресен пат Ранковце-Крива Паланка, подделница Крива Паланка-Длабочица; Извор: ЈП за државни патишта

Откако со италијанската компанија „Тирена Скави“ е прекинат договорот, за довршување на изградбата на експресниот пат Ранковце-Крива Паланка на патниот Коридор 8 се бара нов изведувач. Јавното претпријатие за државни патишта го објави меѓународниот тендер за избор на изведувач што ќе ја догради првата подделница од Длабочица до Чатал со должина од 15,5 километри. Тендерската документација е достапна на Електронскиот систем за јавни набавки. 

Изградбата на новото патно поврзување кон Бугарија во должина од 25 километри е поделено на две подделници. Градежните работи отпочнаа на 22 јуни 2018 година, а тогашното владино ветување беше дека експресниот пат вреден 58 милиони евра ќе биде готов до јуни 2021 година. Сепак, за три години работа, италијанскиот изведувач завршил само околу 30 отсто на својот дел од трасата долга 15,5 километри, а новиот изведувач што сега се бара на меѓународен тендер ќе треба да ја заврши оваа секција во рок од 16 месеци.

Идниот изведувач на трасата меѓу Длабочица и Чатал треба да ги доврши земјените работи во износ од над 1,5 милиони метри кубни, да реализира асфалтни и армирано-бетонски работи на идниот пат. Тендерските понуди од градежните компании се очекува да се достават најдоцна до 18 јуни, по што ќе се пристапи кон избор на најповолниот понудувач.

Во меѓувреме, македонскиот конзорциум на компаниите „Гранит“ и „Бетон“ ја продолжува изведбата на втората подделница од експресниот пат Ранковце-Крива Паланка, на потегот меѓу Крива Паланка и Длабочица. Градежните активности на овој дел од новиот пат, во должина од речиси 9 километри, во моментов не доцнат и се одвиваат во согласност со планираното темпо.

Идниот експресен пат ќе има по една лента за возење и по една помошна лента за застанување во секој правец, со што значително ќе се скрати времето на патување меѓу Куманово и Крива Паланка. Овој проект се финансира преку кредит од Светската банка.

Со изборот на нова компанија што ќе ја догради една од двете секции на новиот експресен пат, веќе е извесно дека трасата меѓу Ранковце и Крива Паланка нема да може да биде завршена годинава. Од друга страна, за повлекувањето на италијанската компанија „Тирена Скави“ од земјава засега не постојат објаснувања, освен дека истите тие ја градеа и втората фаза од експресниот пат Градско-Прилеп, на потегот меѓу Градско и Дреново. И оваа траса почна да се гради летото 2018 година, а кон крајот на минатата година министерот за транспорт и врски Благој Бочварски соопшти дека се менува изведувачот.

„Сакам да информирам дека за првата делница Градско–Дреново, Владата
донесе одлука да се преземат градежните работи од сегашниот изведувач и
во следниот период оваа делница да ја гради друга компанија која има технички и човечки ресурси за да ја доизгради оваа делница навреме“, изјави Бочварски на 30 декември 2020 година.