Италија повеќе не прима туристи од земјава, само работници, а Данска ја крена рампата

Photo by Lukas on Unsplash

Данска ги олесни ковид правилата за влез на државјаните на Република Северна Македонија, соопшти македонското Министерство за надворешни работи (МНР).

Со најновата одлука на данските власти, нашите државјани ќе можат да влезат во Данска без ограничувања или наведување валидни причини, но потребно е да приложат валиден ЕУ дигитален сертификат којшто вклучува потврда за вакцинација со вакцини одобрени од ЕМА) или потврда за прележан ковид-19, не постар од 12 месеци) или негативен ПЦР тест.

Додека Данска ги олабавува граничните мерки за државјаните, Италија ги заострува, па отсега ќе биде дозволен влез во земјата само за лица што работат во оваа земја или имаат подолг престој, а за туристите рампата на граничните премини на Италија ќе остане спуштена.

Со најновата одлука на италијанските власти, Република Северна Македонија се преместува од листа Д во листа Е, со што не е дозволено туристичко патување за државјаните на Република Северна Македонија во Италија, а во земјата може да се влезе само за работни потреби; апсолутна итност; здравствени потреби; потреби за студирање; враќање во својот дом или живеалиште, за лицата со двојно државјанство или постојан престој.

При влез или враќање во Италија од Северна Македонија: Пополнет онлајн формулар за локација (dPLF), негативен резултат од молекуларен (ПЦР) или антигенски тест. Сепак, и покрај тоа задолжителна е самоизолација и здравствен надзор во период од десет дена.

По десетте дена изолација, задолжително е да се изврши дополнителен молекуларен или антигенски тест, појаснува македонското МНР.