Истражување: Преку ветровите микропластиката во воздухот се шири на илјадници километри

Photo by Brian Yurasits on Unsplash

Неадекватното управување со отпадот во делови од светот, вклучувајќи ја и Македонија, предизвикува ширење на опасни отпадни материи преку ветерот на големи растојанија што се наоѓаат далеку од локациите на расфрланото ѓубре.

Научниците од Националниот истражувачки институт ЦНРС открија присуство на микропластика што потекнува од Африка и Северна Америка во воздухот на Пиринејските планини, и тоа на надморска височина од 2.877 метри, пренесува весникот Гардијан.

Микропластиките се ситни делови помали од 5 милиметри, коишто потекнуваат од отпадни материјали од амбалажа, облека, возила и други извори што биле детектирани во воздухот, водите и почвата.

Истражувачите зеле примероци од француските Пиринеи од опсерваторијата Пик ду Миди, токму поради тоа што се сметало дека локалната клима и природата се под ограничено влијание на оваа локација.

Тие тестирале 10.000 метри кубни воздух на неделно ниво во периодот од јуни до октомври 2017 година и откриле дека сите истражени примероци содржат микропластика.

Користејќи ги податоците за времето, тие го пресметале движењето на воздушните маси во периодите кога биле земени примероците од Пиринеите. Со ваквото истражување, научниците откриле дека изворите на загадување пристигнуваат на европско тло, дури и на највисоките планини, од други континенти.

Еден од авторите на ова истражување, Стив Ален од Универзитетот Делхаузи во Канадa, рекoл дека микропластиката била во состојба да мине такви растојанија бидејќи достигнала големи височини во атмосферата. Истражувањето укажува и на извори на микропластика во Средоземното море и во Атлантскиот океан.

Научниците во истражувањето заклучиле дека вдишувањето на честичките од микропластика во воздухот на француските Пиринеи не е опасно за животот на луѓето, но сепак додаваат дека луѓето можат да ги вдишат ваквите честички.

Токму поради ова, истражувачите велат дека проблемот со отпадната пластика не е национален, туку глобален проблем со којшто се соочува целото светско население. Тие велат дека дури и во земјите, каде што проблемот со управување со отпадот се гледа преку негов извоз надвор од нивната територија, е потег што не ги решава работите.

Истражувачите во својот научен труд воопшто не ја вклучиле Македонија, но начинот на управување со отпадот во земјава треба да предизвика сериозно размислување кај властите од добиените резултати за ширењето на микропластиката преку ветровите. Во земјава не е изградена ниту една регионална депонија каде што отпадот се складира по пропишаните ЕУ стандарди, додека над 80 отсто од комуналниот отпад завршува како неселектиран на општинските депонии, каде што и се распаѓа.

Притоа, само 1,8 отсто од вкупното количество на комунален отпад што го создава македонското општество е селектирано како пластика. Воедно, речиси една третина од вкупните количества на создаден комунален отпад не се собираат од јавните комунални претпријатија и не завршуваат на општинските депонии, а доказ за тоа се бројните диви депонии коишто никнуваат во природата, чии отпадни материи потоа ги разнесува ветерот на многу подалечни локации од депонијата.