fbpx

Премалку селектираме отпад во земјава, затоа имаме преполни депонии и минорно рециклирање [инфографик]

-

Селекцијата на отпадот што го создаваме во секојдневието е прашање на кое македонските граѓани придаваат многу мало значење. Со години наназад, статистичките податоци покажуваат дека измешаниот комунален отпад доминира во количеството што секојдневно го собираат јавните комунални претпријатија и другите субјекти овластени за управување и третман со отпадот.


Од 2014 година до денес, период за кој постојат податоци од Државниот завод за статистика, над 80 отсто од собраниот комунален отпад во земјава претставува измешан комунален отпад. Низ годините, најголемо количество на неселектиран отпад е создадено во 2016 година – 89 отсто, по што следува тренд на зголемување на селекцијата во периодот до 2020 година. Сепак, и лани 83,4 отсто од ѓубрето што е собрано, било измешано и како такво завршило на депонија.

Ова практично значи дека во Македонија примарната селекција на отпадот функционира само кај мал број на граѓани, кои пластиката, лименките, стаклото, дрвото, хартијата, органскиот отпад и други материјали ги делат и ги одлагаат во посебни контејнери за селекција на отпад. Минималната селекција директно влијае на огромното количество на отпад што завршува на депониите, за кои „Мета.мк“ веќе пишуваше дека во земјава не постојат современи регионални депонии кои би вршеле третман на отпадот.

За разлика од ваквата состојба во земјава, податоците на „Евростат“ покажуваат дека во земјите-членки на ЕУ од година во година се намалува количеството отпад што завршува на депониите. Ако во 1995 година, 121 милиони тони комунален отпад завршиле на локациите за одлагање на отпад, на депониите во ЕУ во 2019 година биле акумулирани 54 милиони тони комунален отпад.

Наспроти ова, инсинерацијата или контролираното согорување на отпадот, е зголемена од 30 милиони тони годишно во 1995 година на 60 милиони тони комунален отпад во 2019 година. Рециклирањето на отпадот за период од 24 години пораснало од 23 на 68 милиони тони комунален отпад на ниво на ЕУ. Исто така, компостирањето на отпадот доживеало раст од 14 милиони тони во 1995 година на дури 39 милиони тони отпад во 2019 година.

За да може да се спроведе каков било третман на собраниот отпад, по позитивниот пример што доаѓа од земјите-членки на ЕУ, неопходно е најпрво ѓубрето што граѓаните секојдневно го создаваат да биде селектирано по различни материјали, кои на различен начин се третираат. „Мета.мк“ пишуваше дека со години наназад најголем успех во селекцијата имаме со органскиот отпад, при што во текот на 12 месеци се селектираат над 35.000 тони на лисја, храна и друг градинарски отпад.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Извештај на ОН: Климатските промени загрозуваат 70 отсто од работната сила

Според извештајот на Обединетите нации, климатските промени веројатно ќе донесат ризици по безбедноста и здравјето на повеќе од 70 отсто од светската работна сила, пренесе германската новинска агенција ДПА. Меѓународната...