Истражување: Општините со пари предвидени за НВО, финансираат спортски клубови

Постојат индиции дека општините во Македонија, преку буџетската линија 463 наменета за финансирање на невладини организации, незаконски финансираат спортски клубови кои се регистрирани како акционерски друштва, покажа истражувањето на Центарот за граѓански комуникации во рамки на проектот „Отчетност преку граѓански ангажман“, спроведуван од страна на Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“.

Резултатите од ова истражување, за кое се анализирани податоци за сите 80 општини и за Град Скопје, но и од уште 10 други подпроекти во рамките на проектот „Отчетност преку граѓански ангажман“, беа денеска презентирани на финалната конференција во ЕУ Инфоцентарот во Скопје, под наслов „Градење одговорност преку граѓански ангажман“.

Покрај Центарот за граѓански комуникации, и Институтот за демократија „Социетас цивилис“ ги анализирал исплатите од оваа буџетска линија, но само од страна на општините во Град Скопје. Оттаму посочуваат дека според бројот на проекти, речиси половината од проектите што се доделени во општините на Град Скопје се однесуваат на областа спорт. Истовремено, беше посочено и дека многу од невладините не знаат дека може да бараат грантови од општините.

– Дури 38 проценти од средствата наменети за финансирање невладини организации од страна на општините остануваат неискористени, покрај другото и поради ниското ниво на транспарентност. Многу организации не се свесни дека им се достапни грантови преку буџетите на општините – посочи Марко Панковски од „Социетас цивилис“.

Марко Митевски од Центарот за граѓански комуникации, пак, нагласи дека истражувањето покажало оти 67 проценти од општинскиот буџет предвидени за граѓанските организации се одвојуваат во областа спорт. Во голем дел самите постапки за доделување средства се одвиваат без претходен повик.

Центарот за економски анализи (ЦЕА) во својот подпроект изработил посебен индекс за буџетска транспарентност на општините во цела Македонија. Така, на пример, просечниот индекс на буџетска транспарентност на општините во Скопскиот Регион, од можни 16 бодови е 5,9 бодови, додека во Полошкиот Регион е 5,4, во Вардарскиот – 5,2, Североисточниот – 6,9, Источниот – 6,8, Југоисточниот – 6,8 и во Пелагонискиот – 7,3 бодови.

Ана Марија Петровска од ЦЕА, која на настанот ги презентираше резултатите од проектот, нагласи дека минатата 2016 година, споредено со претходната 2015 година, транспарентноста на општините е на повисоко ниво, но сепак севкупно земено таа е сè уште ниска.

Во рамките на подпроектите, од страна на здружението „Лидери за едукација, активизам и развој“, беше подготвен водич за спроведување кампањи за групно финансирање, додека „ЗИП Институтот“ подготви брошура за воведување иновативност во работењето на граѓанските организации преку социјално претприемништво.

Покрај ЦЕА, ЦГК, ЛЕАД, ЗИП и ИДСЦС, резултатите од своите проекти ги презентираа и граѓанските организации „Конеду глобал“, „Заеднички вредности“, „Заеднички визии“, „Зани“ од Куманово, „Баирска светлина“ од Битола и „Инклузивни решенија“ од Скопје.