Две пријави за тројца професори на Државниот универзитет во Тетово (ДУТ) поднела невладината организација Форум за образовни промени до Државниот просветен инспекторат (ДПИ).
Ова на прес-конференција денеска го соопшти Бленди Ходаи, извршен директор на Форумот за образовни промени.
Од организацијата побараа политиката, со посебен акцент на партијата Демократска унија за интеграција (ДУИ), да ги тргнела рацете од овој универзитет бидејќи, според нив, имало притисоци и на последните ректорски избори.
Ходаи информираше дека првата пријава се однесува на незаконски избор на двајца членови од ДУТ во Националниот совет за високо образование и научно- истражувачка дејност – професорите Фатон Шабани и Ндерим Зеќири.
„Според член 42 став 2 од Законот за високото образование, членови на Националниот совет не може да бидат лица избрани за ректор, проректор или дел од универзитетскиот Сенат, декан или продекан на факултет, член на Одборот за акредитација или на Одборот за евалуација. Проф. д-р Фатон Шабани е проректор за финансии и странски инвестиции на Универзитетот во Тетово на незаконски начин, според последниот инспекциски надзор што Државниот просветен инспекторат го направи на 22.05.2023 година. Проф. д-р Ндерим Зеќири, пак, е дел од Сенатот на Универзитетот во Тетово што значи дека не ги исполнува предусловите да биде член на овој Совет“, рече Ходаи.
Другата пријава, пак, се однесувала на унапредување во рамки на Државниот универзитет во Тетово, при што било побарано увид во наводно незаконското академско унапредување во звање доцент на Агрон Алили во 2020 година на Природно-математичкиот факултет на овој универзитет.
„Тој е унапреден во звањето доцент со непочитување на член 166 став 1 од Законот за високото образование, кој вели: „Во наставно-научно звање доцент може да биде избрано лице кое: има остварено просечен успех од најмалку 8,00 (осум) на студиите на прв и втор циклус за секој циклус посебно“. Просекот на кандидатот во прв циклус е 6,7, а во вториот циклус 9,0. Форумот за образовни промени бара од Државниот просветен инспекторат веднаш да постапи и да преземе мерки за отстранување на незаслуженото звање доцент на дотичниот професор“, истакна Ходаи.
Тој рече дека поднесоците до Државниот просветен инспекторат ги доставиле во петокот, на 23 јуни и дека досега не добиле одговор.
Од ДПИ за Порталб.мк велат дека ги добиле поднесоците и дека ќе постапуваат по нив.
Порталб побарал изјава и од Универзитетот во Тетово, но институцијата досега не одговорила на прашањата.
Инаку, од Форумот за образовни промени рекоа дека се разочарани и од процедурата за избор на новиот ректор на ДУТ, Јусуф Зејнели и повлекувањето на тројцата кандидати од изборите.