Инклузивниот ансамбл преку изложба порача: Нашите реки се предмет на искористување

Фото: Мета.мк

Инклузивниот ансамбл по повод Светскиот ден на водите – 22. Март, со мултимедијалната изложба „Слободни реки за слободни деца“ испратија порака до сите нас да се запрашаме што се случува со нашите реки и дека можеме да влијаеме на одлуките на властите коишто можеби решаваат да ги искористат реките за одредени тесни интереси, иако реките ни припаѓаат на сите.

Фото: Мета.мк

За таа цел младите со Даунов синдром, поддржани од Колектив Ветерница и Трисомија 21 Скопје, КСП Центар – Јадро, ликовното здружeние Партизанска штампа, SEENET и Еко Свест, го создадоа мутантот Флуви во различни форми кои ја предвидуваат иднината без вода. Тој, како што објаснија авторите, треба да ја раскажува приказната за заштитата на реките и дека реките треба да се чуваат слободни како би имале право на еден достоинствен живот.

Билјана Димитрова од Колектив Ветерница нагласи дека достапноста на чиста и свежа вода за пиење станува сè поограничено во локални и светски рамки, а заштитата на водните ресурси треба да преставува врвен приоритет на одговорните чинители, но и на сите поединци, затоа што е загарантирано човеково право.

„Благодарение на овој проект, можевме да ги истражуваме реките и што значат тие воопшто и за животната средина односно за флората и фауната и за човекот. Низ сите овие точки, првата точка од каде што тргнавме на истражување беше Природнонаучниот музеј каде што го видовме почетокот на светот, онаков каков што го познаваме за потоа да се свртиме и кон човекот и неговата дејност во околината. Затоа отидовме во Бостание, како еден ослободен простор, како едно место каде што во една слободна комуникација со другите можеме да засадуваме користејќи ја водата. Па така, од семче да настане цвеќе и во нашиот случај од една идеја да настане реализација на една цела изложба“, за Мета.мк изјави Билјана Димитрова.

Во склоп на изложбата, имаше и проекција на документарниот филм „Заробени реки“. А, со соодветен музички репортар членовите на инклузивниот ансамбл, кои се на возраст од 8 до 40 години изразија загриженост дека нашите реки се сè помалку и помалку слободни и се предмет на искористување од различни ентитети, без притоа да се внимава за животната средина.

Фото: Мета.мк

Тие ја воодушевија публиката која со емоции се придружи во изведбата на песните „Море сокол пие вода на Вардарот“, а и познатиот евергрин „Како Вардар“ на Зафир Хаџиманов.

Фото: Мета.мк

„Фактот што сме деца, не нè спречи јасно да ја согледаме состојбата во која се наоѓаме“, рекоа Маша, Софија, Кристина, Матеј, Павел, Мартин, Ена, Нана, Марио, Коста, Стефан, Никола, Ена, Илина, Ирина, Оливер, Дарко, Матеј и Вивиен.