Илон Маск објави дипфејк видео од Камала Харис што ги крши правилата на „Х“

Ова е само најнов пример за тоа како содржините изменети со вештачка интелигенција би можеле да играат улога во овој изборен циклус и како американскиот закон не е целосно во тек за да се справи со тоа

Ministério Das Comunicações, CC BY 2.0 , via Wikimedia Commons

Милијардерот и сопственик на социјалната мрежа „Х“, Илон Маск, на својата платформа објави дипфејк видео од демократската кандидатка за претседателските избори во САД, Камала Харис. И покрај тоа што ја поседува оваа социјална мрежа, се чини дека објавата на Маск ги прекршува политиките на платформата против синтетичките и манипулативни содржини, пишува „Врџ“.

Во видеото што Маск го сподели во петокот, може да се забележи манипулативна измена на содржини од неодамнешниот предизборен спот на Харис, при што се чини како претседателската кандидатка да кажала работи, што, всушност, не ги рекла.

Во изманипулираниот клип, Камала Харис, меѓу другото, вели дека била „четири години под туторство на врвната марионета на длабоката држава, прекрасниот ментор, Џо Бајден“.

Оригиналниот профил што првично го објави изменетото видео, истото го означи како „Пародија на рекламата од кампањата на Харис“.

Овој контекст, сепак, го немаше во објавата на Илон Маск. Наместо тоа, Маск само го сподели видеото, додавајќи свој коментар: „Ова е неверојатно“ и емотикони што се смеат.

Според правилата на социјалната мрежа „Х“, не се дозволени „синтетички, манипулирани или содржини надвор од контекст кои можат да ги измамат или збунат луѓето и да доведат до штета“. Социјалната мрежа вели дека прво проценува дали содржината е „значително и манипулативно изменета или фабрикувана“, а тука споменува и „пресинхронизирано видео“ што е додадено или уредено и што „суштински ги менува разбирањето, значењето или контекстот на содржината“.

Во правилата на оваа социјална мрежа стои дека сатирата не ја нарушува политиката сè додека не предизвикува значителна конфузија околу автентичноста на содржините.

Објавата на Маск предизвика реакции од Демократската партија. Сенаторката Ејми Клобучар на „Тредс“ напиша дека, ако објавата на Маск остане без контекст, тој и социјалната мрежа „не само што ќе ги прекршат сопствените правила на Х, туку ќе ослободат цела изборна сезона на лажни гласови и слики со вештачка интелигенција, содржини без ограничувања, без оглед на партијата“.

Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, на Х напиша дека „манипулирањето со глас во реклама како оваа, треба да биде незаконско“.

Илон Маск одговори на оваа објава со шега: „Проверив кај познатиот светски авторитет, професорот Сугон Дизнуц, и тој рече дека пародијата е легална во Америка“.

Ова е само најнов пример за тоа како содржините изменети со вештачка интелигенција би можеле да играат улога во овој изборен циклус и како законот не е целосно во тек за да се справи со тоа, коментира „Врџ“.

Претходно годинава, роботски повик што користеше вештачка интелигенција го имитираше гласот на американскиот претседател Џо Бајден, кој наводно ги повикува гласачите во Њу Хемпшир да останат дома за време на прелиминарните избори.

Изборните службеници во САД се обучуваат за тоа како вештачката интелигенција би можела да го попречи изборниот ден, додека во фаза на развој се правилата околу откривање на АИ во рекламните спотови.