Поранешниот американски претседател Доналд Трамп вчера објави дека нема да учествува на друга претседателска дебата со неговата опонентка, американската потпретседателка Камала Харис.
„НЕМА ДА ИМА ТРЕТА ДЕБАТА“, напиша со големи букви Трамп на неговата социјална мрежа „Truth Social“, а пренесе Си-ен-ен.
Кампањата на Камала Харис, пак, повика на нов дуел откако таа и Трамп пред два дена се соочија на телевизиска дебата на Еј-би-си (ABC) во Филаделфија.
„Верувам дека им должиме на гласачите да имаме уште една дебата бидејќи овие избори и она што е во прашање не може да биде поважно“, изјави Харис за време на вчерашниот митинг во Шарлот.
По дебатата во Филаделфија, Трамп пред новинарите тврдеше дека модераторите на Еј-би-си биле нефер, а следниот ден на Фокс Њуз кажа дека не знае дали сака да учествува во друга дебата и дека Харис сакала реванш бидејќи тој „победил“.
Сепак, проверката на факти на Си-ен-ен покажала дека според секоја голема анкета за дебатата, победникот била Харис.
Статистиките на фирмата за медиумска анализа „Нилсен“ велат дека 67,1 милиони луѓе ја следеле дебатата помеѓу Доналд Трамп и Камала Харис, што е значително повисока бројка од 51,3 милиони – бројот на луѓе што ја следеле јунската дебата меѓу Трамп и Џо Бајден.
Инаку, на само два месеца пред претседателските избори во САД, анкетите покажуваат дека двајцата кандидати се во исклучително тесна трка.
Гледачите на „Фокс њуз“ сметаат дека Харис вешто настапи на дебатата против Трамп