Мартин Гоџо го фати крстот што беше положен во осветените води на Охридското Езеро на празникот Богојавление – Водици. Тој беше најбрзиот помеѓу стотината капачи кои запливаа во студените води на езерото.
Активностите поврзани со верскиот празник Богојавление- Водици во Охрид почнаа рано утринава со свети црковни литургии. Манифестацијата на положување на Светиот крст во Охридското Езеро го обави митрополитот на Кичевско-Дебарската епархија, владиката Тимотеј.
Минатата година, поради пандемијата, празникот Водици беше одбележан само во црковните храмови со утрински богослужби и осветување на вода, без традиционалното фрлање на Светиот крст.
Утрово на манифестацијата во Охрид можеа да се забележат илјадници присутни граѓани. Како и во изминатите години пред пандемијата, осветувањето на водите на Охридското Езеро е најпосетувана манифестација на овој верски празник.