„Мајкрософт“ најави купување на компанијата што ги создаде „Call of Duty“ и „Candy Crush“

фото: Мајкрософт / Твитер

„Мајкрософт“ (Microsoft) соопшти дека планира да ја купи големата компанија за видео-игри „Активижн Близард“ (Activision Blizzard) со договор вреден речиси 70 милијарди долари.

Доколку плановите се остварат, оваа аквизиција што треба да биде финализирана догодина ќе биде најголемата во историјата на компанијата, а ќе претставува и најголемиот договор во индустријата на видео-игрите воопшто, пишува „Би-би-си“.

Тоа би значело дека „Мајкрософт“ ќе го преземе сопствеништвото врз едни од најпознатите франшизи за игри како „Call of Duty“, „Warcraft“, „Overwatch“ и „Candy Crush“.

Најавата за купување на „Активижн Близард“ доаѓа една година откако „Мајкрософт“ купи друга влијателна компанија за видео-игри, компанијата „Бетесда“ (Bethesda), за 7,5 милијарди долари.

Овие чекори доаѓаат во ера на зголемена конкуренција во гејминг индустријата, а според некои податоци, конзолите „Плејстејшн 5“ на „Сони“ (Sony) ја надминаа продажбата на последната генерација конзоли на „Мајкрософт“. Дел од познавачите тврдат дека тоа се должи на фактот што во последниве години „Плејстејшн“ има попривлечни екслузивни игри, што не можат да се играат на други уреди и конзоли.

„Активижн Близард“ има свои студија и околу 10.000 вработени низ целиот свет. Компанијата има речиси 400 милиони месечни активни играчи низ 190 земји.

„Мајкрософт“ најави дека ќе ги донесе видео-игрите на својот претплатнички сервис „Game Pass“. Како што пишува „Би-би-си“, овој договор ја шокираше индустријата за игри.