УНИЦЕФ: Одложувањето на учебната година да биде мерка од привремен карактер

Фото: Мета.мк

Одлуката на Владата за одложување на почетокот на учебната година по зимскиот распуст треба да биде мерка од привремен карактер и треба да се вложат сите напори децата да се вратат во училиште, смета претставничката на УНИЦЕФ во земјава Партиција ДиЏовани.

Таа вели дека 2022 не смее да биде уште една година на нарушено учење, туку година во која образованието и најдобриот интерес на децата ќе имаат првенствена важност.

„Знаеме дека превентивните мерки во училиштата се ефикасни и се чини дека физичкото присуство на настава во училиште не е главниот двигател на ширење на инфекцијата. За последниот месец од наставата во 2021 година податоците покажуваат многу ниска стапка на заразување со само 0,01% нови случаи дневно кај учениците и 0,03% кај наставниците. За споредба, во двете недели кога училиштата беа затворени за зимски распуст, бројот на новозаразени случаи кај сите возрасни групи се зголеми за четири пати, од приближно 2.600 на 11.000 потврдени позитивни случаи. Овие сознанија треба да ги искористиме  за да направиме сè што можеме да ги одржиме училиштата отворени и децата безбедно да следат настава во училниците“, изјави ДиЏовани.

ДиЏовани додава дека уште еден бран на затворање на училишта би бил катастрофален за децата, бидејќи пред пандемијата Северна Македонија веќе се соочуваше со криза во учењето, при што повеќе од половината од сите петнаесетгодишници во земјата не успевале да ги достигнат основните нивоа на вештини за читање и математика.

„Јасно е дека во најдобар интерес на децата е да бидат во училниците и повторното отворање на училиштата треба да биде приоритет за целата држава. Ризиците со коишто децата се соочуваат кога се надвор од училиште и понатаму се поголеми од ризиците во училиште. Долготрајното затворање на училиштата на ниво на целата држава, ограничените ресурси за учениците, наставниците и родителите и немањето пристап до далечинско учење го уназадија деценискиот напредок во образованието и го направија детството непрепознатливо“, изјави ДиЏовани.

Кога се зголемува стапката на заразување со ковид-19 во заедницата и кога строгите мерки за јавно здравје стануваат неопходност, училиштата мора последни да се затворат, а први да се отворат, додава претставничката на УНИЦЕФ во земјава.

Инаку, Владата вчера донесе одлука со која бројот на наставните денови во учебната 2021/2022 година во основните и средните училишта во услови на вонредни околности се утврдува на 172 наставни денови, што значи дека зимскиот распуст на учениците ќе трае до 1 февруари, а учебната година ќе заврши на 10 јуни.

По оваа одлука, следува адаптација на наставните програми со цел запазување на датумот 10 јуни како краен рок за завршување на учебната година, соопштија од Владата.