Од раководител на сектор во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) преку волонтер во подрачна единица на министерството до бизнисмени, вкупно 24 лица добиле кривични пријави од Министерството за внатрешни работи (МВР) во врска со злоупотребите при доделување државно земјиште и давање субвенции, а од нив шестмина се приведени денеска во акцијата за која претходно извести Јавното обвинителство на Република Македонија.

Според пријавата, незаконски било давано државно земјиште под закуп, а потоа закупците барале и добивале субвенции за тоа земјиште. Во периодот од 2011 година до 2016 година, со тоа била нанесена штета од 222.730 евра на Агенцијата за финансиска подршка во земјоделството и руралниот развој.

Пријави до обвинителството за организиран криминал се поднесени против М.Б. (45) од Скопје, раководител на сектор за консолидација на земјоделско земјиште, размена и идентификација на земјишни парцели во Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), како и против Ѓ.Д. (55), исто така од Скопје, кој е помошник на раководител на сектор за меѓународна соработка во МЗШВ.

Пријавени се и помлад соработник во сектор за регистрирање, управување и продажба на земјоделско земјиште во државна сопственост, како и тројца соработници и еден референт во подрачната единица на министерството во Гевгелија.

Од подрачната единица во Валандово, кривични пријави добиле еден соработник, еден референт и еден волонтер, во подрачната единица Кисела Вода – еден референт и еден соработник, а во подрачната единица Чаир – двајца референти.

Тие се товарат за злоупотреба на службената положба и овластување, а истата квалификација ја имаат кривичните пријави и за Е.О. (39) од Богданци, државен инспектор во Државен инспекторат за земјоделство, З.Д. (34) од Скопје, управител на ДЗПТУ „Дедема плус“ од Скопје и С.В. (48) од Скопје, управител на ДПТУ „Агро проџек Велјанови“.

Истата пријава ја добиле и двајца турски државјани –  Х.Л.Д. (55), управител на „Агро лезет“, и Н.Ш. (53), управител на „Норм агро“.

Во листата на пријавените се и Р.В. (26) од Скопје, управител на „Агро проџек Рамака“ од Гевгелија, како и уште тројца скопјани и еден жител на Богданци.