И по еден месец од јавниот повик, Арсовска тактизира и не поставува директор на Зоолошката градина

Пред една недела истече и рокот за жалби, а од Градот Скопје сé уште нема никакво известување во однос на јавниот повик

-

Измина точно еден месец откако Град Скопје, односно градоначалничката Данела Арсовска распиша јавен повик за избор на директор на Зоолошката градина Скопје, а засега нема никаков епилог од овој повик, и покрај тоа што изминаа сите законски рокови.

Дилемата останува дали поранешниот директор Ѓорги Галетановски, кој беше и единствен пријавен на јавниот повик ќе застане на чело на институцијата, со оглед на големата поддршка што тој ја има во јавноста.

Од кои причини Арсовска тактизира и не поставува директор на институцијата која во јавноста во последниве години не ужива голем углед поради низа скандали, останува непознато.

Пред една недела истече и рокот за жалби, а од Градот Скопје сé уште нема никакво известување во однос на јавниот повик.

На прес-конференција одржана на 20 август, градоначалничката Арсовска рече дека првиот чекор треба да го направи Управниот одбор на Зоолошката градина.

„Законот утврдува на кој начин се прави тоа, односно Управниот одбор е тој кој треба да го направи првиот чекор, пред документите да бидат доставени и разгледани во Градот, така што тоа го чекаме од Управниот одбор на институцијата“, рече денеска Арсовска одговарајќи на новинарско прашање кога ќе има одлука дали Галетановски ќе биде новиот директор на Зоолошката градина.

Но, проблемот настана кога се утврди дека всушност во Управниот одбор има само еден член, односно останатите тројца (вклучително и претседателот), токму Арсовска ги назначила за директори на други институции. Поради сето ова, немаше кворум за да се состане Управниот одбор, а оттогаш, помина речиси еден месец – не се поставени ниту нови членови на УО, а ниту Арсовска, која има дискреционо право да ги разгледа пристигнатите пријави (односно пријава), нема постапено.

УО на Зоолошка треба да ја разгледа пријавата на Галетановски, а во Управниот одбор нема луѓе?!

Неодамна, Галетановски, преку статус на Фејсбук извести дека немам никакви информации дали јавниот повик е поништен ниту дали го одбиле. Тој најави дека адвокат ќе оди да ги подигне документите доколку се уредно прегледани.

„Сакам и да ве замолам да не ми праќате мене слики и прашања за моментални ситуации таму бидејќи јас не сум во тек со ништо во Зоолошка, таму не ни има директор и колегите се оставени сами на себе и секоја им чест“, напиша меѓу другото Галетановски и додаде дека ЗОО Скопје мора да се деполитизира.

Еден од последните скандали во ЗОО Скопје се случи пред две недели, а го обелодени „Слободен печат“. Имено, вработен во Зоолошката градина, во кафез држел мачка која ја спуштил во водата од езерцето и животното почнало да се дави, пред бројните посетители. Мачката се борела за живот, а вработениот кога ги слушнал пискоците на посетителите рекол дека мачката „му ги дави пилињата“, го зел кафезот, влегол во комбето и побегнал.

Веќе трет мандат, в.д. директор на ЗОО Скопје е Зоран Попов, но непознато е дали воопшто неговиот мандат како в.д. директор е продолжен или институцијата работи без човек што ја раководи.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

УСС УКИМ: Филозофскиот факултет ги повлече зголемените трошоци за студентите

Филозофскиот факултет ги повлече новововедените трошоци за „онлајн ресурси“ и „материјални ресурси“, што студентите на овој факултет требаше да ги плаќаат при запишувањето на претстојниот зимски семестар. Универзитетското студентско собрание...