Грета Тунберг со апел до медиумите и граѓаните: Човештвото не успева да ја сопре климатската криза

Четирите млади климатски активисти кои им пишаа на граѓаните; Фото: Avaaz;

Младинските активисти предводени од Грета Тунберг преку Avaaz.org испратија апел до граѓаните ширум светот пред одржувањето на Конференцијата за климатски промени на ОН (КОП 26) во Глазгов. Човештвото не успева да ја сопре климатската криза, е критиката од Грета, која ја упати до владите ширум светот заедно со Ванеса Накате од Уганда, Доминика Ласота од Полска и Мици Тан од Филипините, како претставници на младите климатски активисти.

Апелот до граѓаните од целиот свет да ги поддржат во нивните барања досега вроди со плод над 630.000 лица да се потпишат на онлајн петицијата, која тие ја основаа. Со петицијата се бара уште веднаш да се исполни ветувањето за ограничување на глобалното затоплување до 1,5 степени, да се стави крај на инвестициите во фосилни горива, да се запре „креативното“ броење на емисиите на стакленички гасови, да им се испорачаат 100 милијарди долари на најсиромашните земји за климатска акција и да се воведе климатска политика што ќе ги заштити најсиромашните граѓани и работниците.

Покрај онлајн петицијата, Грета Тунберг и Ванеса Накате како младински климатски активисти упатија и писмо до медиумите ширум светот. Во обраќањето до медиумските уредници, Тунберг и Накате бараат вистински да се покрие климатската криза, вклучувајќи ги фундаменталните прашања за времето, холистичкото размислување и правдата.

„Ако вашите приказни не го вклучуваат поимот за отчукување на часовникот, тогаш климатската криза е само политичка тема помеѓу другите теми, нешто што може само да го купиме, изградиме или инвестираме од него“, пишуваат Тунберг и Накате до медиумите.

Во однос на холистичкото размислување, младинските активистки бараат да се објават целосните бројки во медиумите со сите емисии на стакленички гасови од човештвото, а не нецелосни статистички податоци.

Во однос на правдата, Грета и Ванеса им забележуваат на медиумите дека во нивното известување се дава фокус на поплавите во Европа, пожарите во Калифорнија, додека страдањата од климатските промени во јужните делови на Земјината топка се недоволно медиумски покриени, иако глобалниот Југ е на самата борбена линија на климатската криза.

„Еден од суштинските елементи на функционалната демократија се слободните медиуми кои објективно ги информираат граѓаните за големите предизвици со кои се соочува нашето општество. А медиумите мора да ги повикаат луѓето кои се моќни и одговорни за нивните постапки или непреземање активности. Вие сте меѓу нашите последни надежи“, им пишуваат Грета и Ванеса на медиумите ширум светот.

Инаку, денеска во Глазгов започна Конференцијата за климатски промени на ОН (КОП 26), од која се очекува историски договор во однос на идното справување со глобалното затоплување во светот.