fbpx

Граѓанските организации со реакција за европскиот извештај: Разнишани се темелите на преговорите

Блупринт групата за реформи во правосудството известува дека Извештајот на Европската комисија за правосудството нотира „целосно руинирање на сите досегашни постигнувања и напредок токму во овој сегмент“

-

Блупринт групата за реформи во правосудството оценува дека Извештајот на Европската комисија е еден од ретките каде е констатирано дека во делот на правосудството не е забележан прогрес, што од аспект на исполнување на критериумите од Поглавјата 23 и 24 претставува „целосно руинирање на сите досегашни постигнувања и напредок токму во овој сегмент“.

Во соопштението потпишано од шест организации (Македонско здружение на млади правници, Институт за европска политика, Институт за човекови права, Коалиција „Сите за правично судење“, Хелсиншки комитет за човекови права и Центар за правни истражувања и анализи) се потсетува дека токму тие постојано апелирале за значајни состојби во правосудството и законодавните процеси на кои им треба итно внимание и итни мерки за надминување на предизвиците.

„Интервенциите кои Блупринт групата ги имаше во 2023 година, се јасно нотирани како суштинска реакција на појавите и постапувањата пред се на Судскиот совет, кој во Извештајот за напредок на ЕК за 2023 година е детектиран како генератор на загриженост за независноста за судството. Оваа констатација произлегува по скандалозното разрешување на претседателката на ССРСМ и отсуство од конкретна акција за сочувување на независноста и самостојноста на Судскиот совет што е нотирано од страна на ЕК“, се вели во соопштението.

Инаку, Европската комисија во извештајот ја оцени состојбата во правосудството како непроменета и без напредок. Во извештајот е потенцирано дека Судскиот совет треба да се стреми кон интегритет и независност на судии, како и да се спротивстави на секакво надворешно влијание, додека контроверзното разрешување на претседателката на советот ја зголеми загриженоста за несоодветни политички влијанија, како и почитување на законски пропишани процедури и начела.

Европската комисија воедно упати на минатогодишните препораки кои не се спроведени, а кои се однесуваат на: донесување нова стратегија за реформи во правосудство 2023 – 2027 без одлагање, како и ревидирање на целосната законодавна рамка за севкупно функционирање на Судски совет со цел зајакнување на владеење на правото, транспарентноста и независноста.

Од Блупринт групата нагласуваат дека Извештајот на ЕК дава посебни забелешки кои се однесуваат на загриженоста за злоупотреба на „европско знаменце“ за хармонизација на домашното законодавство со европското, како и борбата против висок криминал и корупција. Овие состојби се оценети како загрижувачки, без напредок или со неуспешни мерки за справување.

„Би сакале да потсетиме на насоката дека „европско знаменце“ треба да се употребува за директно усвојување закони со основна цел за усогласување со европско законодавство, а не за да се оневозможи или скрати јавна дебата и консултации за исклучително важни прашања. Истото е нотирано и во Извештајот на РСМ за 2023 поврзано меѓу другото и со неодамнешните измени на Кривичниот законик од септември 2023 година“, велат од Блупринт групата.

Институтот за европска политика (ЕПА) денеска презентираше кратка анализа на извештајот на Европската комисија за Северна Македонија за 2023 година. Според ЕПИ, анализата на оценките на Комисијата води кон два заклучока:

Во однос на минатата година, оценката за подготвеноста за преземање на обврските од членството е повисока само во едно поглавје. Ова е очекувано имајќи го предвид пристапот на Комисијата во изминатата декада, за кој пишувавме во минатогодишната анализа.

Оценките за напредокот се послаби од минатата година, па наместо „одреден напредок“, доминантна оценка е немање напредок или „ограничен“ напредок. Тоа што треба особено да нè загрижи се оценките во правосудството и борбата против корупцијата како клучни области од кои зависи целокупниот тек на преговорите како дел од кластерот Темели.

Овие заклучоци, според ЕПИ, се загрижувачки од неколку аспекти.

„Од една страна, ние како држава континуирано го потенцираме своето високо ниво на усогласеност со законодавството на ЕУ. Оваа општа стагнација и во комбинација со недостатокот на напредок во поглавјето 23: правосудство и фундаментални права го поткопува тој аргумент кој го користат поддржувачите на нашата ЕУ интеграција“, велат од ЕПИ.

Од друга страна, пак, велат оттаму, долгоочекуваниот План за раст, кој го објави Комисијата оваа година, директно го условува напредокот во реформите со достапноста на поддршка од ЕУ, поради што наодите од извештајот оваа година би требало да се сфатат особено сериозно.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...