Глобална петиција за правото на здрава планета да стане универзално човеково право

Здравата природна средина да стане универзално човеково право и да се вклучи во Универзалната декларација на човекови права е иницијативата до Обединетите нации поттикната од граѓански организации од над 100 држави, меѓу кои и Македонија.

Македонското еколошко друштво (МЕД) денеска се приклучи кон глобалната иницијатива која започна на 13 јули, како апел да се воведе нов член во Универзалната декларација на човекови права и да се осигури универзалното право на здрава природна средина. Во сите земји во тек е потпишување на петиција, од која се очекува ова прашање да го стави на дневен ред на Самитот на ООН за биолошка разновидност во средината на септември.

Кампањата се спроведува под мотото #1Planet1Right (Една Планета – едно право) и ја води најголемото светско партнерство на организации за зачувување на природата, BirdLife International заедно со други граѓански организации како ClientEarth и Глобалниот пакт за животна средина. Доколку успее, ова ќе биде прв амандман кон Декларацијата од нејзиното воспоставување во 1948 година.

„Кампањата #1Planet1Right ги повикува Обединетите нации да гласаат правото на здрава природна средина да биде дискутирано во Советот за човекови права, во Генералното собрание на ОН и како итна тема да се постави на Самитот на ОН за биолошка разновидност во средината на септември 2020, со цел ова право и конечно да се вклучи во Универзалната декларација на човекови права до 2023 година“, велат од МЕД.

Според Светската здравствена организација, 23 отсто од смртните случаи во светот се поврзани со загадување или уништување на нашата природна средина, а стотици милиони луѓе страдаат од болести поврзани со нездрава животна средина. Проблемот со пандемијата на ковид-19 е вкоренет во загубата на живеалишта и нелегалната трговија со диви животни. Ова ново човеково право може да овозможи глобално зелено заздравување, кое на светот му е потребно по пандемијата.

Методија Велевски, заменик-директор на Македонското еколошко друштво вели дека е јасно оти ниту една држава, односно нејзините граѓани, не можат целосно да се изборат за ова право настапувајќи самостојно, бидејќи природата и животната средина немаат граници и сè додека нивната заштита не стане цел на сите граѓани на планетата, човештвото ќе се соочува со зголемен ризик од влошување на условите за живот.

„Во таква состојба, гарантирањето и исполнувањето на гаранциите за здрава животна средина, како основно човеково право, мора да ги надрасне државните граници. Апелираме да учествувате во оваа глобална кампања и да придонесете правото на здрава планета да биде универзално право“, нагласува Велевски.

Поддршката на петицијата, сметаат екологистите ќе овозможи подобра основа за борба со климатските промени и загадувањето, подоследно применување на националните закони од областа на заштита на животната средина и посуштинско информирање и образование за оваа тема. Во светот над еден милион видови животни се под ризик од исчезнување, а додека климатските промени предизвикуваат загревање како никогаш досега, ние сме во вителот на смртоносна пандемија која е последица од уништувањето на природата.

„БезСамо на планета на која природата и луѓето живеат во хармонија можеме да спречиме идни пандемии и успешно да ги разрешиме предизвиците на климатските промени и загубата на биолошката разновидност. Кампањата ќе трае до крајот на годината, а МЕД ќе ги повика да се вклучат и другите граѓански организации и да дадат придонес за масовно потпишување на петицијата“, вели Ксенија Путилин од МЕД.