fbpx

Ѓилас со тужба против ТВ Пинк за фалсификување на неговиот глас и лик со вештачка интелигенција

„Станува збор за фалсификат што беше емитуван на Дневникот на ТВ Пинк, а за кој многу луѓе во Србија веруваа дека навистина го кажувам“, изјави Ѓилас

-

Претседателот на Партијата за слобода и правда, Драган Ѓилас изјави дека ангажирал адвокатска канцеларија и ќе ги тужи телевизијата Пинк и нејзиниот сопственик Жељко Митровиќ за фалсификување на неговиот глас и лик во видео со помош на вештачка интелигенција во кој се чини дека признава оти направил злоупотреби, пренесе Данас.рс.

Ѓилас на прес-конференцијата пред зградата ТВ Пинк рече дека како да не се доволни сите лаги што биле објавени за него од таа медиумска куќа, било потребно да се направи фалсификување на неговиот глас и да се претстави пред граѓаните на Србија дека зборува некои работи што никогаш не ги кажал.

„За да се создаде таков фалсификат мораше да се употреби вештачка интелигенција, што Жељко Митровиќ го нарече сатира. Станува збор за фалсификат што беше емитуван на Дневникот на ТВ Пинк, а за кој многу луѓе во Србија веруваа дека навистина го кажувам“, изјави Ѓилас.

Оваа најава на Ѓилас ја поддржуваат соговорниците на српскиот весник Данас. Тие проценуваат дека Ѓилас би можел да го добие судскиот спор и велат дека сопственикот на Пинк „ја злоупотребил и вештачката интелигенција и националната фреквенција“.

Претседателот на НУНС Жељко Бодрожиќ истакнува дека „секој има право правдата да ја бара на суд, особено кога се работи за Жељко Митровиќ и неговата компанија“.

„Во суштина, повторно се занимаваме со последиците, а не со главниот проблем, а тоа е што телевизијата на Жељко Митровиќ, генерално, има национална фреквенција. Сите други проблеми произлегуваат од ова, дури и во овој случај на користење на вештачка интелигенција ако Митровиќ ја злоупотреби и вештачката интелигенција и националната фреквенција“, вели претседателот на НУНС.

Стојан Марковиќ, уредникот на Озонпрес од Чачак, вели дека „не се сомневал дека комбинацијата на концептот на интелигенција, дури и да е вештачка, со ликот на сопственикот на Пинк, брзо ќе стане предмет на судски спор.

„Не се сомневам во пресудата на судот, само дека на Ѓилас и на јавноста ќе им треба многу време и трпение додека не стане правно обврзувачка“, смета Марковиќ.

Александар Веселиновиќ, адвокат и претседател на Ужичкиот комитет на Партијата за слобода и правда, смета дека одлуката на Ѓилас е „точна и неопходна за да се заштити од медиумската хајка што ја водат Пинк и Жељко Митровиќ“.

„Како граѓанин има право на судска заштита. Тоа е легитимен и најдобар начин да се докажат монструозните лаги дека Пинк ги фабрикува користејќи вештачка интелигенција за да го нападне него и другите политички неистомисленици. Сигурен сум дека Ѓилас ќе успее во овој спор“, изјави Веселиновиќ.

Претседателот на Движењето за народна слобода, Мирослав Паровиќ, вели дека „кампањата за објавување монтирани видеа, во кои со помош на вештачка интелигенција се става во устата на лидерите на опозицијата нешто што никогаш не го кажале, не е ниту сатира, ниту каприц на Жељко Митровиќ“.

„Тоа е превентивна кампања чија цел е однапред да се компромитираат снимките за вмешаност на луѓе од државниот врв во криминал, за кои власта знае дека постојат и стравува дека наскоро би можеле да стигнат до јавноста“, оценува Паровиќ.

Тој наведува дека „се создава алиби на тој начин што и тие автентични снимки од криминални дела се прогласуваат за лажни“, додавајќи дека „на народот ќе му се објасни дека опозицијата прва протестирала кога била изложена на монтирани снимки и дека е време да се примени истиот принцип кој се применува и за највисоките носители на државната власт“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...