Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ прстот го впери кон опозицијата кога станува збор за блокадите во однос на патот на земјава кон Европската Унија, но прифати одговорност дека за дел од забелешките од годинешниот извештај на Европската комисија носи и Владата. Тој убедува дека проблемите нотирани во извештајот се идентификувани и се на маса, но како најважен дел кон европскиот пат ги нагласи уставните измени.
Во минатото сме имале и полоши и подобри извештаи, но не сме можеле да одиме напред. Сега, можеме да одиме напред, но за тоа е важно да се донесат уставните измени. Лажна приказна, мит, но и неодговорна и опасна политичка позиција е дека Северна Македонија може да постигне подобар договор во иднина. Преговорите се почнати, прашањето е дали ќе одиме понатаму. Дали ќе одиме во наредна фаза ќе зависи само од уставните измени, рече вицепремиерот Маричиќ на заедничката прес-конференција со евроамбасадорот Ричард Гир.
Тој оцени дека во Извештајот, напредок е констатиран во 80% од поглавјата, а во 0 проценти се констатирани назадувања.
Извештајот е рефлексија на нашата секојдневна борба за унапредување на општеството, нотирани се теми кои им се познати на граѓаните и особено познати нам, како Влада. Сè што е наведено во Извештајот на нашата држава и е добро познато и ние силно работиме на решенијата, рече Маричиќ.
Евроамбасадорот Гир, пак, се осврна на главните забелешки во Извештајот – политичката поларизација, прекумерна, а некогаш и непотребна употреба на ЕУ знаменцето, недостиг од напредок во делот на владеење на правото и во судството.
Има злоупотреба на ЕУ знаменцето за Кривичниот законик и за законите за коридорите 8 и 10д. Во делот на владеење на правото не е забележан напредок. Се забележува недостиг од доверба кон судиите, но и разрешувањето на експретседателката на Судскиот совет. Повикуваме да се усвојат препораките на ОБСЕ и ОДИХР, а потсетуваме и на препораките од претходните години кои не беа имплементирани, рече Гир, кој оцени извештајот на ЕК како правичен и искрен.
Тој цитираше делови од документот во кој не е забележан никаков напредок во борбата со корупцијата, но и зголемена корупција на високо ниво.
Не е забележан напредок во борба со корупција, а истовремено забележуваме зголемување на случаите на корупција на високо ниво. Резултат на тоа е застарување на делата, што, исто така, предизвикува голема загриженост, нагласи евроамбасадорот.
Во однос на овој дел, Маричиќ, одговорајќи на новинарски прашања, не даде целосен одговор, особено не во однос на измените во Кривичниот законик. Во однос на работата на Судскиот совет потсети дека побарале од Европската комисија да испрати оценска мисија, од која се чека извештајот, а за европското знаме изјави дека „тоа е прашање за функционирањето на Собранието и дека има закони предложени уште во 2021 година кои сè уште не се донесени“.
Ако се усвои новиот деловник, нема да ни биде ни потребно европско знаме, рече Маричиќ.
Евроамбасадорот Гир на денешната прес-конференција повеќе се насочи кон реформите отколку кон уставните измени.
Единствениот пат до ЕУ е патот на реформите. Тоа значи сеопфатни реформи како што е наведено во извештајот на ЕК и во извештајот за скрининг процесот. Затоа што ако сакате да ги уживате поволностите на членството во ЕУ, мора да бидете доволно отпорни и подготвени, да се осигурите дека можете да уживате во нив, дециден беше Гир.
Тој потсети дека следниот чекор е идентификување и движење кон преговорите кон првиот кластер, а тоа зависи од промената на Уставот.
Ова се два важни елементи на долг рок, а реформите секако се апсолутно клучни и во интерес на граѓаните, порача евроамбасадорот.