fbpx

Инспектори влегоа во „Ванила фуд“ откако школски деца заболеа од салмонелоза

Надзорот се случува поради пријави на случаи кај ученици со стомачни тегоби и лабораториски потврди на салмонела

-

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во соработка со Државниот санитарен и здравствен инспекторат и стручни лица од Центарот за јавно здравје, спроведуваат вонреден инспекциски надзор кај операторот со храна „Ванила фоод” – ДООЕЛ Скопје и добавувачите на суровини за овој оператор, кој со храна снабдува неколку кујни на основни училишта во Општина Карпош. Надзорот се случува поради пријави на случаи со стомачни тегоби и лабораториски потврди на салмонела.

„Вчера спроведен е вонреден надзор во кујните на основните училишта, „Владо Тасевски“ и „Димо Хаџи Димов”, а денес со вонредниот надзор, опфатени ќе бидат училиштата “Јан Амос Коменски” и „Војдан Чернодрински”. Превентивно, инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство ќе спроведат вонредни инспекциски надзори во кујните на сите училишта во оваа општина кои со храна ги снабдува овој оператор, поточно и оние училишта каде нема потврдено случаи на заразени ученици со салмонела“, вели Николче Бабовски, директор на АХВ.

Мета.мк вчера објави дека седум ученици кои учат во основните училишта „Владо Тасевски“, „Војдан Чернодрински“ и во „Јан Амос Коменски“ биле заболени од инфекција предизвикана од бактеријата салмонела (dg. sаlmonellozis).

Како што информираше директорката Рената Младеновска, ДСЗИ бил информиран од Центарот за јавно здравје – Скопје, дека во одделението за епидемиологија пристигнале седум пријави за заболување од заразна болест со Dg. Salmonellozis кај ученици кои посетуваат настава во овие три основни училишта.

Мета вчера се обрати и во Општина Карпош, од каде информираа дека во „Војдан Чернодрински”, од 180 ученици кои се хранат во училишната кујна (појадок и ручек), кај тројца ученици е изолирана салмонела.

„Во „Јан Амос Коменски”, пак, од 350 ученици кои се хранат во училишната кујна (појадок и ручек), кај 1 ученик е потврдено дека има салмонела. Во двете училишта станува збор за ученици од прво одделение. А во „Владо Тасевски”, има потврдени пет случаи кај деца од 1 до 4 одделение, од вкупно 350 деца кои се хранат во училиште“, велат од Општина Карпош.

Оттаму информираат дека во петокот на дневното мени за појадок имало мекици без јајца, а за ручек спанаќ без месо, со кисело млеко.

„Во текот на вчерашниот и денешниот ден се земени брисови од сите работни површини во сите основни училишта и сите вработени. Фирмата која врши снабдување со храна во сите основни училишта во Карпош – „Ванила фуд“, сама побарала вонреден преглед. До добивањето на резултатите ќе бидат затворени кујните во овие три училишта, како и кујната во „Димо Хаџи Димов“, каде што нема регистрирани случаи, но е сместен магацинот од каде се снабдуваат другите училишта. Резултатите се очекуваат најдоцна до сабота“, додаваат од Општина Карпош.

Салмонелата е бактерија која предизвикува болест, салмонелоза. Се пренесува со консумирање недоволно зготвена храна направена од заразени животни (месо, пилешко, јајца), но може да ја има и во чоколади, бонбони и други кондиторски производи.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Промовирани новите полициски службеници, генерација 2023-2024

Денеска се одржа пригодна церемонија по повод свечената Промоција на нови полициски службеници - генерација 2023-2024 година, во Центарот за обука на МВР во Идризово, на која покрај раководството...