Гарванлиев: Интервјуто со изјавата е пред повеќе од една година, јас се извинувам ако сум повредил некого

Фото: Принтскрин од видео обраќањето на Гарванлиев кое тој го сподели на својот Инстаграм профил

Интервјуто кое циркулира на интернет со мојата изјава е пред повеќе од една година. Во музика нема политика, нема раса, нема боја, има љубов, има човечно, има енергија. Ако некој е повреден од тоа што јас го направив ненамерно и случајно, јас се извинувам од сè срце.

Со овие зборови вчера Васил Гарванлиев од Струмица, македонскиот претставник на овогодинешното издание на Евровизија се обрати пред јавноста откако почнаа реакциите околу бугарскиот пасош на Гарванлиев, во кое тој изјавува дека покрај македонско има и бугарско државјанство.

„Во 1997 година мојата фамилија одлучи да се преселиме во Чикаго каде што живееме неколку години. Кога не протераа оттаму и се вративме тука јас бев малолетен. Фамилијата одлучи да направи неколку чекори за безбедност и иднина за сите нас. Мојата баба, мајка на татко ми, е родена во село Игралиште, надвор од Петрич која ни овозможи да добиеме бугарски пасоши кој го имам веќе 20 години. Закон е дека во Македонија, двојно државјанство е дозволено“ вели пејачот, кој додава дека десет години живеел во Торонто, осум во Чикаго, една во Милано, една во Лондон, а настапувал на многу светски сцени меѓу кои Париз, Амстердам, Џирих, Њујорк, Чикаго, Торонто итн.

Како што вели во видеото, за него најважно од сè е што првата реченица во неговата биографија е „Македонскиот баритон Васил Гарванлиев од Струмица ја започна својата кариера на седум години во својата родна земја“.

Но, освен револт за бугарскиот пасош, реакции во јавноста имаше и за телевизискиот спот во кој се појавува уметничка инсталација со вертикално поставени зелена, црвена и бела боја кои според јавноста алудираат на бугарското знаме. Во своето видео обраќање на Инстаграм, пејачот вели дека во моментот кога дознал дека луѓето се погодени од и погрешно е сфатено делото во музејот, направил чекор за истото да биде отстрането и спотот да биде повторно снимен.

Паралелно на случувањата, на социјалните мрежи веќе се споделуваат две петиции од кои едната е иницијативата за собирање потписи за поддршка на Гарванлиев, наспроти другата со која се бара тој да не учествува во музичкиот натпревар поради тоа што имал бугарски пасош. Двете петиции се адресирани до Владата на С.Македонија.

„Во 2021 нема место за национализам и хомофобија, особено кога станува збор за музиката. Македонија на Евровизија била претставувана од пејачи од различни етникуми и тоа е наша предност. Политизирањето на Евровизија мора да престане од тие што навредуваат и неосновано шират говор на омраза“, се вели во петицијата за поддршка на пејачот.

За минатогодишното издание на Евровизија 2020 кое беше откажано поради состојбата со ковид-19 пандемијата Гарванлиев беше одбран како македонски претставник со песната „You“. Годинава тој повторно ќе ја претставува земјата со песната „Here I stand“.