fbpx

Франција денеска гласа на предвремени парламентарни избори

Предизборните анкети покажуваат водство на партијата на Марин Ле Пен, но, во периодот помеѓу двата круга, се предвидуваат промени и тактички сојузи меѓу кандидатите, со цел да се блокира екстремната десница да добие мнозинство

-

Французите денеска гласаат во првиот круг од предвремените парламентарни избори, на кои екстремно десничарската партија на Марин Ле Пен би можела за прв пат да формира влада.

Анкетите покажуваат зајакнување на поддршката за екстремно десничарската Национален собир на Ле Пен, но исходот на изборите што претседателот Емануел Макрон ги свика пред три недели, по катастрофалниот пораз на неговите сојузници на европските парламентарни избори, останува неизвесен, пишува Гардијан.

Анкета спроведена за весникот „Лес Ехос“ (Les Echos) покажува дека Национален собир е на пат да освои 37 отсто од гласовите на национално ниво, додека друга анкета спроведена за „БФМ ТВ“ (BFM TV) проценува помеѓу 260 и 295 пратенички места за оваа екстремно-десничарска партија, што ќе значи мнозинство во парламентот.

Анкетите покажуваат дека Новиот народен фронт – широката левичарска коалиција, би можела да добие 28 отсто од гласовите, додека центристичкиот блок на Макрон заостанува со 20 отсто.

Вториот круг од парламентарните избори во Франција ќе се одржат следната недела, на 7 јуни.

Во периодот помеѓу двата круга се предвидуваат промени и тактички сојузи меѓу кандидатите, со цел да се блокира екстремната десница да добие мнозинство.

Во последните денови од кампањата, кандидатите од левичарската коалиција и центристичката алијанса на Макрон ги потсетуваа гласачите дека Национален собир, формирана во раните 1970-ти години како Национален фронт, некогаш во своите редови вклучувала поранешни членови на воената единица Вафен-СС, под нацистичка команда за време на втората светска војна.

Партијата долго време важеше за гласник на антисемитски, хомофобични и расистички ставови и нашироко се сметаше за опасност за демократијата, која треба да се држи надвор од главните политики.

Марин Ле Пен голем дел од изминатата деценија работеше на ублажување на имиџот на партијата, но нејзината основна порака останува длабоко непријателство кон имиграцијата и таканаречената исламизација на општеството.

Партијата вети дека драстично ќе ја намали имиграцијата и ќе им забрани на лицата со двојни државјани да дојдат на одредени државни работни места, а даде и ветувања оти ќе ги намали даноците на енергијата, ќе ги ослободи лицата помлади од 30 години од данок на доход и ќе работи на укинување на пензиската реформа на Макрон.

Повеќето аналитичари сметаат дека најверојатниот исход од изборите е поларизиран парламент, каде што консензус меѓу поголемите екстремно десничарски и левичарски блокови и помал број сојузници на Макрон би бил речиси невозможен, што ќе доведе до политичка парализа.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

До 31 јули трае акцијата за отплата на заостанатите сметки за вода на рати, без камата

Акцијата за отплата на долговите без пресметка на камата за задоцнето плаќање е во тек, информираат од ЈП Водовод и канализација – Скопје. Акцијата за отплата на долговите на рати...