fbpx

Фотографијата со многу траги од авиони не е од С. Македонија

-

Фотографијата од постот всушност e преземена од сајтот war.com, авторот е непознат, но во нејзиниот опис пишува: Контрејлс (траги од авиони предизвикани од кондензација) зад борбени авиони во вежба од големи размери. Значи, воопшто не станува збор за С. Македонија ни за авиони од комерцијални летови, туку за борбени авиони кои изведувале вежби и не станува збор за никакви кемтрејлс, туку за обични траги од авион предизвикани од кондензација. Уште една дезинформација во објавата е дека аеродромот во Франкфурт е најфреквентен во Европа. Според податоците од 2021 година, Франкфурт е на шестото место според бројот на пренесени патници, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Во објава на Фејсбук е споделува фотографија на којашто се гледаат траги од авиони и притоа неточно се тврди дека е снимена во С. Македонија. Исто така, неточно се потенцира дека трагите значат труење, убивање и депопулација.

Горната слика е од Франкфурт, со аеродром најфрекфентен во Европа,буквално авион слетува и полетува на секои две минути.

Долната слика е од Македонија.

Сатанистички СС факт чекери,кажете ми пак, дали овие траги над Македонија се од кондензација или се хемтреилс за тровење,убивање и депопулација

На Фејсбук објавата споделени се две фотографии. На првата е прикажан мост и облакодери во Франкфурт, а за втората фотографија, на којашто се гледа само небо и траги од авиони се тврди дека е снимена во С. Македонија. Но, оваа фотографија нема никаква врска со С. Македонија. Не е јасно како е дојдено до заклучокот дека таа е снимена кај нас, бидејќи на фотографијата не се гледа ништо друго освен небо и траги со авиони.

Преку објавата се прави споредба помеѓу наводно исшараното небо над С. Македонија од авиони и чистото небо над Франкфурт, за кој се вели дека е најфреквентен аеродром во Европа, притоа се тврди дека авионите нè прскаат односно нè трујат и со тоа се прави депопулација.

Доколку ја пребарате фотографијата, ќе видите дека таа нема никаква врска ниту со Македонија, ниту со авиони на комерцијални летови, а уште помалку со „кемтрејлс“. Вистиномер ја најде фотографијата на сајтот Одделот за наука за системот на Земјата при универзитетот Ирвин во Калифорнија. Тука, професорот Стивен Џ. Дејвис ја објаснува теоријата на заговор за „кемтрејлс“, посочувајќи дека такво нешто не постои.

Фотографијата од постот е, всушност, фотографија преземена од сајтот war.com, авторот е непознат, но во нејзиниот опис пишува: Контрејлс (траги од авиони предизвикани од кондензација) зад борбени авиони во вежба од големи размери.

Значи, воопшто не станува збор за С. Македонија ни за авиони од комерцијални летови, туку за борбени авиони кои изведувале вежби и не станува збор за никакви кемтрејлс, туку за обични траги од авион предизвикани од кондензација.

Во однос на теоријата на заговор за постоењето на „кемтрејлс“, односно дека авиони нè прскаат со отрови и забранети супстанци, Форбс објави студија, според која 76 хемичари и научници од Универзитетот Ирвин, Калифорнија, изјавиле дека никогаш не дошле до докази оти постојат големи програми за хемиско прскање од авиони, со цел да се наштети на здравјето на граѓаните и со цел да се влијае на атмосферата. 

Според ова истражување, причината поради која трагите од авионите остануваат видливи е зашто тие летаат на поголеми височини отколку порано, што резултира со кондензациски траги, кои траат подолго време. Тоа што трагите од авионите се вкрстуваат е само и единствено доказ дека има зголемена фреквентност на авиосообраќајот, односно дека има многу повеќе авиони, кои учествуваат во авиосообраќајот, што е и примарната причина некои од нив да мораат да летаат и на поголеми височини.

Уште една дезинформација во објавата е дека аеродромот во Франкфурт е најфреквентен во Европа. Според податоците од 2021 година, Франкфурт е на шестото место според бројот на пренесени патници. Пред него се аеродромите во Истанбул, Москва, Париз, Амстердам и уште еден московски аеродром. Податоците за јуни 2022 година велат дека ситуацијата е слична, односно дека аеродромот во Истанбул е најфреквентен а по него се Лондон на второ место, Париз на трето, Амстердам на четврто, па дури по нив е аеродромот во Франкфурт.

Од сето ова можеме да заклучиме дека постот што го анализираме е уште еден во низата теории на заговор за кемтрејлс. Не постои никакво труење и распрскување отрови од авиони, ниту, пак, небото, објавено на постот, на кое се гледаат многу траги од авиони е од С. Македонија. Оттука, постот го оценуваме како невистинит.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Млади иноватори изработија мобилна апликација за помош на дијабетичари

Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ се млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес за менаџирање на оваа состојба. Инспирирани од желбата да помогнат...