Државата ќе доделува стипендии и за студенти на земјоделски, ветеринарни и шумарски науки

Фото: Sincerely Media on Unsplash

На предлог на Министерството за образование и наука, Владата на последната седница донесе одлука за воведување на нови категории на студентски стипендии. Како што соопштија од Владата, со предложените измени се воведуваат нови мотивирачки стипендии за студенти запишани на додипломски студии од прв циклус на јавните и приватните универзитети и високообразовни установи, на студиски програми од областа на земјоделските, ветеринарните и шумарските науки.

Воведувањето на новите стипендии ќе се реализира во рамките на предвидените буџетски средства на МОН, од кое се очекува деновиве да го распише и конкурсот за студентски стипендии за академската 2022/23 година.

Претходно во август од МОН соопштија дека од годинава, поради недостиг на кадар во одредени области, се воведуваат и категории на стипендии наменети за студентите запишани на студиски програми за преведување и толкување, како и за студенти на студиски програми по историја на уметност, археологија, ликовна уметност и етнологија и антропологија.