Фотографијата од разрушен тоалет во интернатот „Здравко Цветковски“ не е од сега

Сепак, не е првпат алуминиумските штици во тоалетите од овој ученички дом да паднат. Мало пребарување на интернет покажува слична фотографија од март 2020 година, кога паднал дел од спуштениот плафон во истиот тоалет

Стара фотографија (лево) и вчерашната состојба на тоалетот во интернатот „Здравко Цветковски“/ фото: ОДАС (лево) и Мета.мк (десно)

Фотографијата од ученичкиот дом „Здравко Цветковски“ во Скопје што се споделува на социјалните мрежи, а на која е прикажан разрушен тоалет, е стара. Ова за Мета.мк го изјавија ученици сместени во овој интернет, како и директорот на домот Зоран Арсовски.

Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците и студентите (ОДАС) вчера утрото на Инстаграм објави фотографија од тоалет на која може да се забележат паднати алуминиумски штици и одрони од ѕид. Во описот на фотографијата пишува дека станува збор за фотографија снимена во средношколскиот интернат популарно познат како ГУЦ.

„Ви изгледа познато? Ова е секојдневието на средношколците во Средношколскиот интернат ГУЦ. Единствениот тоалет во кој има топла вода, изгледа вака…. Јасно и гласно апелираме до надлежните институции да го решат овој проблем и да не дозволат да се случи повторно. Ги повикуваме и медиумите да обрнат внимание на случајот. За каков средношколски и студентски стандард зборуваме кога домовите ни изгледаат вака?“, се вели во објавата на организацијата ОДАС.

Според нив, фотографијата им стигнала од ученичка сместена во овој интернат, иако во објавата не е наведено кога истата е снимена.

Мета.мк вчера попладне го посети овој ученички дом со цел да утврди дали состојбата во тоалетите во „Здравко Цветковски“ навистина е како онаа од фотографијата, но и да поразговара со учениците што престојуваат во домот и со неговиот директор.

Додека го чекавме директорот, зборувавме со неколку станари кои поминаа пред влезот, на кои им ја покажавме и фотографијата. Сите ученици коишто ги застанавме рекоа дека станува збор за стара фотографија и дека проблемите во тоалетот сега се санирани.

„Вака беше на почетокот во септември, фотографијата е стара. Сега е средено“, ни рече еден од учениците кои престојуваат до домот.

Дека фотографијата е вистинита, но не е од сега, тврди и директорот на ученичкиот дом „Здравко Цветковски“, Зоран Арсовски.

Алуминиумските штици навистина паднале и пред неколку дена, но, според него, не предизвикале голема штета како онаа што е прикажана на фотографијата. Арсовски нè одведе до тоалетот од фотографијата, каде можеше да се види оти дефектот е саниран, а тоалетот функционира.

„Ова се случувало и можеби во иднина некогаш повторно ќе се случи, со оглед на тоа што зградата е стара. Она што е важно е што ваквите дефекти се санираат веднаш, во најбрз можен рок. Кога и да се појави проблем, истиот го санираме“, вели Арсовски.

Состојбата во тоалетот денес, кога го посетивме домот ненајавени / фото: Мета.мк

Плафонот во интернатот не паѓа првпат

Сепак, ова не е првпат алуминиумските штици во тоалетите од овој ученички дом да паднат. Мало пребарување на интернет покажува слична фотографија од март 2020 година, кога паднал дел од спуштениот плафон во истиот тоалет.

Сличен настан имало и во септември годинава, но и минатата недела, при што не била предизвикана голема штета, а немало ниту повредени ученици.

Арсовски вели дека вакви дефекти се случуваат затоа што станува збор за објект изграден во 1972 година, во кој извесно време не се правени поголеми инвестиции поради недостиг на финансиски средства.

Тој негира дека оваа слика е секојдневие во домот, како што се тврди во објавата на Инстаграм.

„Имало дефекти, но дефинитивно не се случуваат често и никако не се секојдневие“, вели тој.

Директорот го негира и делот од објавата на организацијата ОДАС во кој се вели дека тоалетот од фотографијата е единствен во кој има топла вода. Како што информираше Арсовски, проток на топла вода е овозможен во тоалетите на сите четири ката во домот.

Во „Здравко Цветковски“ годинава се примени повеќе од 300 ученици и неколку студенти. Станарите се ослободени од плаќање партиципација за престој, а интернатот се финансира од Министерството за образование и наука (МОН).