fbpx

Фотографиите на кои „Путин колабира“ се креирани со вештачка интелигенција

Всушност, станува збор за компјутерски генерирани фотографии со вештачка интелигенција (АI) и настанот со паѓањето на Путин на подот, не се случил

-

Лажно е тврдењето на социјалната мрежа Фејсбук од некои корисници дека Путин колабирал во Москва, кое притоа се поткрепува со две фотографии како е легнат на под. Истражувањето потврди дека таков настан не се случил, а фотографиите се создадени со апликација со помош на вештачка интелигенција, при што е познат дури и авторот Миша Петров, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели:

„Денес во Москва“

Потоа се споделуваат две различни фотографии од различни агли на кои се гледа претседателот на Русија Владимир Путин, на кои тој е наводно струполен наземи, односно паднал.

На првата фотографија Путин е прикажан како е наводно паднат врз својата рака, на црвено-жолт тепих, а зад него се гледаат повеќе застанати лица. На втората фотографија Путин е, исто така во падната позиција, на под со сосема поинаков тепих, само со црвена боја, а и заднината на подот е различна на двете фотографии. Фотографиите на социјалните мрежи ширум светот беа споделувани во повеќе различни контексти, но најчестиот беше дека „Владимир Путин претрпел срцев удар во Москва“.

Всушност, станува збор за компјутерски генерирани фотографии со вештачка интелигенција (АI) и настанот со паѓањето на Путин на подот, не се случил. Сериозните и мејнстрим медиуми ширум светот не известија за наводното губење на рамнотежа на Путин, туку фотографиите единствено се споделуваа на социјалните мрежи. Доколку некоја посериозна здравствена состојба се случеше со рускиот претседател, тоа ќе беше дел од насловните страници на водечките светски медиуми, што не беше случај.

Проверувачите на факти на Индија Тудеј пишуваат дека фотографиите кои се споделени во постот што го рецензираме се креирани со вештачка интелигенција и дека не се вистинити.

 

Фотографиите се на Миша Петров и објавени се на Твитер

„Вистиномер“ ги пронајде фотографиите споделени во постот кој го рецензираме, во целост објавени на Твитер профилот на Миша Петров. Фотографиите се истите од постот што го рецензираме и го прикажуваат Путин на подот, но и во стоечка позиција, а авторот Миша Петров појаснува во коментарите дека станува збор за фотографии креирани со вештачка интелигенција.

 

На Твитер беа злоупотребени и медиуми од други држави, бидејќи нивните насловни страници беа фотошопирани, односно дигитално изменети, за лажно да се прикаже дека фотографиите од „колабираниот Путин“ се нашле на насловна страница. Таков е примерот со медиумот The Moscow Times, чија наводна статија циркулираше на социјалните мрежи со фотографијата од Путин на неа.

Меѓутоа и оваа статија на The Moscow Times е лажна и тоа е лесно проверливо со оглед на тоа што носи датум 12 мај 2023, а на официјалната страница на медиумот воопшто нема таква „вест“ дека „Путин доживеал срцев удар“.

Како што појасни авторот на фотографиите Миша Петров, истите се генерирани со генераторот Midjourney и со помош на апликацијата тој креирал и слични фотографии од тоа како „Путин е уапсен“.

Поради сите горенаведени факти, постот што го рецензираме го оценуваме како невистинит. Фотографиите се креирани со вештачка интелигенција и Путин не колабирал.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...